Францускиот претседател Емануел Макрон и предлага „нов договор“ на нацијата за излез од кризата со протестите на „жолтите елеци“, во предвечерјето на националната дебата за ова прашање што официјално ќе започне утре и ќе трае до 15 март, јави дописникот на МИА.
Во писмо до Французите, Макрон наведува дека „големата национална дебата”, нема да биде „ниту избор, ниту референдум“.
– Вашите предлози ќе овозможат да се изгради „нов договор“ на нацијата, за да се урврди акцијата на Владата и Парламентот, но и позициите на Франција на европско и меѓународно ниво. Јас ќе поднесам извештај директно, во месецот по завршувањето на дебатата – им вети Макрон на Французите.
Макрон наведува дека за него „нема забранети прашања“ и нема да се согласиме на сè.
– Тоа е нормално, тоа е демократија. Но, барем ќе покажеме дека сме луѓе кои не се плашат да зборуваат, да разменуваат мислење, да дебатираат. И можеби ќе откриеме дека можеме да постигнеме согласност, почесто отколку што мислиме – пишува претседателот во писмото.
Како што беше најавено, дебатата ќе се фокусира на четири главни теми: оданочувањето и јавната потрошувачка, организацијата на државата и јавната администрација и услуги, еколошката транзиција и демократијата и граѓанското општетство.
Во секоја од овие категории, шефот на државата во писмото им поставува на Французите вкупно 33 прашања, меѓу кои и за имиграцијата и секуларизмот.
– Тие (прашања) не ја исцрпуваат дебатата, но ми се чини дека се во сржта на нашите дебати – вели Макрон.
Некои од отворените теми може да завршат со организирање на референдум, особено за демократијата и граѓанското општетство, каде што шефот на државата сугерира за ограничување на бројот на пратеници во Парламентот, за улогата на Сенатот и на Советот за економски, социјални и еколошки прашања, какo и за поттикнување на граѓаните за учествуво во јавните дебати.
Макрон, исто така, го покренува и прашањето за референдуми за граѓански иницијативи, што е едно од главните барања на „жолтите елеци“.
Францускиот претседател во писмото манифестира непопустливост околу реформите што веќе се преземени, исклучувајќи ја идејата за нивно преиспитување, вклучувајќи го и укинувањето на данокот на богатство.
– Не заборавив дека сум избран со еден проект, за големи насоки на кои им останувам верни – објаснува Макрон, повторувајќи ги своите позици, како борбата против невработеноста преку создавање на нови работни места и намалување на нееднаквоста со реформи на образованието и со професионална обука.
Макрон се осврнува и на борбата против глобалното затоплување со промена на францускиот модел на развој.
– Ние мора да измислиме нов, продуктивен, социјален, образовен, еколошки и европски проект кој е поправеден и поефикасен. За овие главни заложби, мојата решеност не се промени – заклучува тој.
Пред поставувањето на општата рамка за идните дискусии, шефот на француската држава, сепак, бара еден предуслов – прекин на насилствата во протестите на „жолтите елеци“. Нагласувајќи дека го споделува револтот на Французите и дека го разбира нивниот гнев и незадоволство поради „премногу високите“ даноци, „премногу далечните“ јавни услуги или „премногу ниските“ плати, Макрон сепак предупредува дека нема да прифати „каква било форма на насилство“.
– Не прифаќам и немам право да го прифатам притисокот и навредите, на пример за избраните претставници на народот, не прифаќам и немам право да ги прифатам општите обвинувања, на пример на медиумите, новинарите, институциите и функционерите. Ако сите ги напаѓаат сите, општеството се распаѓа – предупредува претседателот на Франција.
Ваквата реакција на Макрон е одговор на последните протести на „жолтите елеци“, обележани со напади врз новинари и јавни институции и обиди за заплашување на пратениците од владејачкото мнозинството.
Фото: ЕПА / ETIENNE LAURENT/POOL