Макрон и Меркел во заедничка офанзива

1930

Вчера лидерите на Германија и Франција, Меркел и Макрон, среде целата „идентитетска криза“ во Европската Унија – или токму поради неа! – потпишаа билатерален договор за јакнење на меѓусебната соработка. Симболично, договорот го потпишаа во германскиот град Ахен, кој низ долгата соседска историја неколку пати ја менувал припадноста кон Германија или Франција. Потпишувањето на овој договор се случува точно 56 години по историскиот француско-германски договор од Париз, потпишан во 1963 година од европските политички великани Аденауер и Де Гол.

Во центарот на сега договорената соработка е јакнењето на либералните базични вредности на ЕУ; формализирањето на идните заеднички германско-француски позиции за сите важни прашања врзани за иднината и политиката на Унијата (но и договарање заеднички ставови во Обединетите нации); продолжување на градењето (со конкретни инвестиции, вклучувајќи ја и воената индустрија и заедничкиот извоз на оружје) на заедничките европски одбранбени сили (паралелно, но и комплементарно на системот на НАТО) со креирање и на билатерален безбедносен и одбранбен совет; создавање на француско-германска „економска зона“; поттикнување на универзитетските соработки со јакнење на билингвалните германско-француски програми за соработка, особено меѓу младите генерации…

Меѓу другото, Макрон изјави дека Европа (читај: Берлин и Париз) мора да изгради „штит“ против светските потреси, на што Меркел се надоврза дека мора да се застане на патот на растот на популизмот и национализмот во политиката. „Оние кои ја забораваат вредноста на мирот и шират лаги се соучесници во злосторствата од минатото“, поентираше Макрон.

Ништо во овој договор не е ново, ниту за изненадување. Овие заложби Франција и Германија поодамна ги координираат и развиваат, дури и пред доаѓањето на Макрон на власт во Франција (бидејќи Меркел, од своја страна, е речиси отсекогаш на власт во Германија). Повеќето првични сериозни коментари се дека договорот, всушност, е еден симболичен гест на двајцата лидери кои имаат доволно отворени предизвици на домашна сцена за да си подадат рака во потрага по меѓусебна поддршка, одбележувајќи го и значајниот датум од заедничката историја. И тоа во време на Трамп во САД, со драмата на „преплетот на црева“ наречен Брегзит и со едно чудо популисти на власт во земјите на ЕУ – супер-популистичкиот италијански министер за полиција Матео Салвини, за илустрација, договорот веднаш го прокоментира со: „Време е да се спротивставиме на француско-германката оска со италијанско-полска оска“; а во самата Франција крајната десница (Ле Пен) договорот го окарактеризира како „предавство“ и смртен напад врз „францускиот суверенитет“! (Не знам зошто, ова ме тера локално да извикам „Јави се јужна!“, со оглед на слични актуелни реакции на нашиве очајни десничари.)

Сепак, да ги баталиме овде големите анализи за тоа што значи сето ова за Европа и за светот, бидејќи е поважно да се обидеме да ги протолкуваме пораките од овој договор за нас, во Македонија, во историската епопеја (и по значењето и по долготрајноста) на нашата интеграција во ЕУ…

Сојузот меѓу Берлин и Париз во ЕУ ќе биде клучната точка на градењето на политиката за понатамошно ширење на Унијата кон Западниот Балкан. Ние во Берлин имаме големи симпатии, за кои секогаш се инсистира да ги заслужиме; во Париз, пак, кон нас нема речиси никакви симпатии, без разлика дали и ние доволно се трудиме да ги заслужиме. Би помогнало економската соработка со Французите да ни е барем малку поголема; ама не е, а за тоа не се тие виновни.

За нас е од „животна важност“ дали низ операционализацијата на оваа француско-германска врска ќе превладее нагласеното француско невротично залагање за „конзервирање“ на ЕУ и за „дигање на мостовите“ во подготовка за одбрана на Унијата наспроти економските, монетарните, трговските, миграциските, безбедносните и другите модерни предизвици; или ќе се наметне полибералниот германски став, гладен за нова работна сила, за континентална стабилност, за заеднички анти-популистички фронт, за поголема толерантност и сл.?

Дополнително, Французите нас нè сметаат за експлицитна „американска зона на влијание“, што им е доволно кон нас да гледаат со воздржаност и со скепса. Кога на тоа ќе ги додадете нивните односи со Белград и со Атина, не е ни чудо што се чувствуваме како „варен компир“ секогаш кога нешто ни зависи од Париз.

Од друга страна, не е упатно да се потцени дека меѓу Берлин и Москва знаело да има можност за една мала вратичка, зад некој орман, да се заборави срамежливо подотворена, колку да фаќа некој провев и посвеж воздух. Ние, „американскава зона на влијание“, многу сме чувствителни тој вид настинки да не нè фатат.

Но, како и да испадне, чие влијание и да биде поголемо, нас нè очекува некаква нова европска конструкција којашто ќе биде барем во „две брзини“, можеби и со вграден рикверц.

А ние назад нема каде да одиме.

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...