Макрадули: Повеќе се извезува отколку што се увезува отпад

81

Во Република Северна Македонија повеќе се извезува отколку што се увезува отпад, изјави денеска заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули по посетата на СУГС „Никола Карев“.

– Ќе се обидам да одговорам за увозот на отпад во период кога сум бил без работа. Во 2015 и 2016 година е увезена најголема количина отпад. Сега станува збор каков е тој отпад и дали се користи за нешто? Во Република Северна Македонија не можете да увезете отпад за да го складирате и затоа „Дрисла“ никогаш и не добила дозвола за да може да земе од некаде отпад и некаде да го стави. Се увезува отпад единствено за да се преработи. На пример компанијата „Макстил“ увезува железо кое потоа 97 отсто го извезува обработениот материјал. Се увезува пластика во компании кои рециклираат, каде пластичните шишиња се прават канчиња за јагоди и ги извезуваат во Италија или прават други продукти – рече Макрадули. Додаде дека добро е да се знае количината на отпад.

Кога станува збор за опасниот отпад, како што рече, ако се погледнат годините 2012, 2014, 2015, 2016 станува збор за огромни количини увезен отпад. Повтори дека во 2015 и 2016 година бил без работа и додаде оти не може да знае каде завршило нешто.

– Сега количините се драстично помали. Повеќе се извезува отколку што се увезува отпад и тоа е многу битно да го знаеме. Република Северна Македонија е дел од еден систем наречен Базелска конвенција, меѓународни ратификации. Ние сме потписници на Договорот за стабилизација и асоцијација. Ги хармонизираме законодавствата и ние не можеме да бидеме надвор од европските стандарди. Ние мораме да изградиме систем на враќање доверба во институциите – рече Макрадули.

Актуелната власт предовдена од СДСМ, како што рече, гарантира дека работите одат легално, согласно законите и согласно интересот на граѓаните.

Во однос на алтернативните горива, посочи дека во земјите членки на ЕУ има скоро 500 објекти што од отпадот произведуваат топлинска или електрична енергија. Се осврна на хиерахијата на менаџирање отпад, која почнува од помалку користење на производи, од селекција, од рециклирање и, како што рече, многу е подобро да се обработи како алтернативно гориво отколку да се прават купишта од депонии, се штеди на емисии на јаглероден диоксид, се штеди на загадување на почвата и има многу други предности.

Потенцира дека постојано укажуваат дека борбата со аерозагадувањето повеќе се намали оваа година. Макрадули потсети на проектите и активностите што Град Скопје досега ги презел, како спречување на палење стрништа, инспекции, спречување да се палат кабли, отпад…

Одговарајќи на новинарско прашање, Макрадули рече дека аерозагадувањето можеме да го решиме само ако се справиме со изворите на загадување. Посочи дека се подготвени и оти до 2024 година се планира да не постои јавна институција што ќе загадува, а на граѓаните ќе им се помогне во тој процес со субвенционирање.

Градоначалникот Петре Шилегов и заменик-министерот Макрадули го посетија СУГС „Никола Карев“, кое е едно од трите средни градски училишта чии дворови се раззеленети со средства од Програмата на Владата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...