Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули денеска изврши увид на мерната станица во Центар, соопштуват од Секторот за односи со јавноста од Владата на Република Македонија.
Тој информирал дека напорите на Владата на Република Македонија, но и на сите други институции за намалување на аерозагадувањето, веќе даваат резултати.
– Грижата за квалитетот на воздухот и за здравјето на граѓаните е задничка. Сите дишеме ист воздух и сите ја имаме истата потреба воздухот да биде чист бидејќи здравјето на граѓаните е најважно. Затоа, повикувам на здружени и координирани акции, повикувам на сечиј придонес, на индивидуална и колективна одговорност. Колку помалку загадуваме толку подобро – колку повеќе чистиме толку подобро. Колку повеќе вклучени граѓани и институции – до толку почист водух, низ целата Македонија и низ цело Скопје – изјавил Макрадули.
Тој додал дека не чека долга акција за справување со загадувањето, односно со загадувачите.
– Ќе биде потребно време да се реши оваа состојба, но треба да ни биде јасно на сите дека резултатите ќе станат видливи доколку останеме посветени и здружени во оваа акција. Сакам да охрабрам и затоа ќе споделам неколку статистики од мерните станици кои ни покажуваат делумен напредок и резултати од нашите напори во изминатава година. Направивме спордба на податоците од изминатите три години, 2016, 2017 и 2018 во периодите 1 јануари – 30 ноември. Забележавме дека во 2018 година постои намалување на бројот на загадени денови во анализираниот период – станува збор за број на денови со надмината дозволена загаденост од 50 микрограми – појаснил тој.
Макрадули посочил оти постои сериозно намалување на бројот на загадени денови во Тетово, каде во 2016 година имало 273 загадени денови, во 2017 година – 115, додека во 2018 тој број паднал на 105. Во Битола, според анализата, минатата година имало 105 загадени денови споредбено со 65 денови годинава на првата мерна станица, или 99 загадени денови лани наспроти 70 годинава на локацијата на втората мерна станица.
– Просекот од сите мерни станици на национално ниво покажува благ пад, од 99 загадени денови во 2016 и 2017 на 86 загадени денови во 2018 година, во периодот 1 јануари – 30 ноември. Од оваа анализа се разбира ги исклучивме мерните станици кои не се во функција, иако и таму има намалување до моментот кога работеа – изјавил тој.
Анализата покажала тенденција на намалување на највисоките измерени ПМ10 вредности на годишно ниво, односно пад на највисоката регистрирана загаденост на воздухот. Просекот од највисоките ПМ 10 вредности од сите мерни станици паднал од 336 во 2017 година на 189 во 2018 година.
– Во Карпош, постои двојно намалување на ПМ 10 и тоа од 525 максимална вредност во 2017, сега во 2018 се измерени 245. Во Миладиновци (од 423 на 188), во Битола 2 (од 530 на 184). Во Куманово (од 450 на 205) и Центар (од 482 на 224). Споредбите ги правевме во идентични временски интервали и тоа (01 јануари – 30 ноември) во период од три години, 2016, 2017 и 2018 – појаснил тој.
Повторил дека мерните станици кои имаат расипани делови или мерните станици кои годинава почнале прв пат со мерење (како на пример Бутел), не биле вклучени во анализата.
– Јасно е дека повеќе фактори влијаат помеѓу кои и метереолошките услови на падот на овие вредности. Но јасно е и дека кога се преземаат мерки, кога граѓаните се свесни, а институциите будни, резултатите ќе стигнат. Свесни сме дека загадувањето е високо, и дека ваквите намалени вредности се се уште многу високи, но сакам да охрабрам бидејќи имаме мал исчекор кон подобрување на состојбата. Секој од нас може да придонесе – заедно можеме да го спроведеме Планот за чист воздух и да се спротиставиме на загадувањето и на загадуавачите – завршил тој.