Макканабис: Со Законот за канабис ќе се воспостави контрола над производството

355

Здружението „Макканабис“ денеска преку соопштение изразува длабоко разочарување од ставот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со кој на вчерашната 33. седница на собраниската Комисија за здравство го спречија влегувањето на Предлог-закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции во собраниска процедура.

На оваа седница, посочуваат од Здружението, беа искажани неиздржани аргументи и ставови на одредени пратеници кои не се во насока на подобрување на економијата и бизнис климата во нашата земја, туку се чисто политички и штетни за целата држава.

– Несфатливо е како пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не ги гледаат придобивките од работењето на индустријата која на дневно ниво се развива во светот и добива се поширок размер во лекувањето на тешко излечливите заболувања каде класичната медицина не покажува големи резултати. Имено, врз основа на сериозни долгогодишни научни изражувања кои го потврдуваат позитивниот ефект и влијание во лекувањето на многу заболувања оваа индустриска гранка се развива и шири во светот со огромна брзина. Со отфрлање на Законот и неприфаќање на потребните измени во истиот се создава ризик од затворање на една цела стопанска гранка која има можност да расте и да се развива и во однос на производствени капацитети, но и во однос на нови работни места и прилив на средства во државната каса – истакнуваат од Здружението.

Од Здружението наведуваат дека со недонесувањето на измените на Законот се дава сериозен негативен сигнал кон инвеститорите, домашни и странски, како и кон оние инвеститори кои веќе имаат стекнато лиценци за работа, така и кон оние инвеститори кои планираат да вложат средства во оваа индустриска гранка.

– Ги отфрламе тврдењата на претеничката група на ВМРО-ДПМНЕ дека Законот е штетен за здравјето на граѓаните и дека со него се отвора пат за манипулација на институциите на системот, а во интерес на неколку компании-производители на канабис за медицинска употреба. Сосема спротивно на ставот на ВМРО-ДПМНЕ, со Законот ќе се воспостави целосна контрола над производството, злоупотребата и употребата за медицински цели на опојните дроги и психотропни супстанции, а со тоа и заштита на животот и здравјето на луѓето. Притоа ќе се овозможи, домашните производители на канабис за медицински цели да го извезуваат својот производ на светските пазари – велат од Здружението.

Според Здружението, загубите на производителите на канабис за медицинска употреба предизвикани од забраната за извоз се повеќе од 50 милиони евра, а доколку не бидат донесени измените на Законот повеќе од 740 луѓе вработени во оваа индустрија ќе останат на улица. Дополнително, како што посочуваат, и државата ја губи можноста за значаен девизен прилив кој ќе го обезбеди извозот на цветот од канабис за производство на масло за медицинска употреба.

– Со новиот Предлог – закон одгледувачите на канабис добиваат можност за извоз на веќе произведените количини на сув хербален производ како опојна дрога, при тоа почитувајќи ги меѓународните Конвенции и европското законодавство кое ја регулира материјата. А со тоа, стануваме поконкурентни и на домашниот пазар, бидејќи и домашните компании кои произведуваат масло од канабис ги бараат европските критериуми за квалитет на цветот – истакнуваат од Здружението и бараат во Собранието што побрзо да бидат усвоени измените на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...