Членството во НАТО би било мошне скапо за националната економија. Тоа е еден од аргументите што често се користи во дебатата „за или против“ во скандинавските земји Шведска и Финска, официјално се уште со неутрален статус, кои се и единствените две држави во северна Европа што сè уште не се членки на НАТО. Со зачленување во Алијанста, сметаат критичарите, Шведска би била принудена значајно да ги зголеми издатоците за одбраната, а што секако би имало негативно влијание врз одржувањето и натамошниот развој на општествениот модел на благосостојба и социјална заштита.
Шведскиот и финскиот одбранбен буџет варираат на ниво од околу 1,2 отсто, односно 1,4 отсто од БДП-то на годишно ниво, а што е помалку од барањето што НАТО го поставува за своите членки – 2 процента. Можеби повеќе како препорака, отколку строго барање. Околу процентите голема прашина на јулскиот самит на Алијансата во Брисел крена американскиот претседател Трамп, засилувајќи ги тензиите со неговите критики дека земјите-членки на НАТО не трошат доволно средства за зајакнување на својата одбрана и дека треба да ги зголемат одбранбените буџети од два процента од бруто домашниот производ на четири, колку што, според Трамп, сега трошат САД.
Таков вид на зголемување на издатоците, дури и кога би бил во прашање еден подолг период, би бил без преседан меѓу европските демократии во мирнодопско време. А доколку тоа би требало да се финансира и со пораст на даночните стапки, или со непопуларни мерки на заштеда во однос на социјалните бенефити, не би можело да се исклучи и големо политичко незадоволство.
Но барањето за два процента, всушност, не се применува. Повеќе од половина од земјите-членки на НАТО, меѓу другите Германија, Данска и Италија, издвојуваат помалку, или еднаков процентуален износ колку што издвојува и Шведска за својот одбранбен буџет. Токму затоа и прашањето што противниците на НАТО-членството во Шведска го поставуваат – колку многу би требало да ги зголемиме издадоците за одбрана за да добиме иста заштита и доколку останеме надвор од НАТО?
Од друга страна, аргументацијата со која и понатаму упорно се инсистира на традиционалната неутралност сè повеќе звучи шупливо. Шведска и Финска, всушност, на никаков начин не може да се сметаат исклучиво за неутрални. Членки се на ЕУ, активно учествуваат во нордиската одбранбена соработка, а и нивната соработка со НАТО постојано се продлабочува. Посебно кога станува збор за Шведска, САД, во однос на регионалната геополитика, гледаат на оваа земја како на „тула во силен ѕид“, имјаќи ги предвид зачестените и засилени закани што доаѓаат од страна на Русија.
Од високи кругови на Алијансата на Шведска често и се упатува порака дека „би биле мошне задоволни да ве имаме крај масата на НАТО“, иако едновремено за најизразените привразници на членството во Алијансата останува нејасно што всушност САД и останите членки на НАТО мислат за несигурноста и „наивната закатанченост“ на Швеѓаните кон неутралност што практично повеќе не постои. Сепак, дискусиите во Шведска околу потребата за зголемување на буџетот за одбрана продолжуваат интензивно, слично како и во осумте членки на НАТО кои веќе ги издвојуваат договорените два процента од БДП-то, при што повеќето од нив, исто како и сè уште неутралните Шведска и Финска, ја имаат Русија за свој најблизок сосед.
Токму затоа многумина забележуваат дека двата процента се всушност повеќе последица на агресивноста на Путин, отколку на притисоците и неумерените критики со кои истапува Трамп. Лидерите на НАТО-членките се веќе подолго време изморени од постојаните жалопојки на Трамп околу трошоците за одбрана и вооружување, посебно сега кога тој одеднаш дојде на идеја да ги удвои од два на апсурдни четири проценти – а што е повеќе и од она што, според доброупатените, неговата земја како суперсила, со воени ангажмани ширум светот, го издвојува за сопствениот воен буџет.
Како што често се укажува, а што Трамп веројатно избегнува да го слушне, би требало повеќе да се дискутира што практично се постигнува со вложувањата на споменатите два процента. Данска, на пример, издвојува околу 1,3 проценти од БДП-то, но во развојот на одбранбените ресурси постигнува повисоки резултати, отколку Грција, која издвојува два процента, но кои најмногу одат во исплата на пензии, а, освен тоа, грчката одбрана најмногу е насочена кон НАТО-соседот Турција.
Подобра бројка за НАТО се чини е 30, од повеќе аспекти. 30-30-30-30 како 30 баталјони, 30 авионски ескадрони и 30 воени бродови, што можат да се стават во функција на засилување против евентуална агресија во период од 30 дена. Тоа, меѓу другите, го предлага и американскиот министер за одбрана Џејмс Матис.
Бројката 30 би можела да се издвои како поважна за НАТО и на друг начин, како што се укажува во една анализа на данскиот Центар за воени студии во Копенхаген. Пораката од самитот во Брисел е дека наскоро бројката на земјите-членки ќе се зголеми токму на 30, со заслужениот прием на Македонија како следна членка на Алијансата.
Без оглед што во дебатата во Македонија, приклештена и задушена со бескрајните партиско-политички надмудрувања и препукувања, никој не ги ни споменува Трамповите проценти. Како, едноствано, да не се ни важни.
Во секој случај, и покрај големата загриженост поради зачестените фуриозни истапувања на Трамп како слон во продавница за порцулан, реалноста е поианква. Соработката во рамки на НАТО не запира. А со тоа и напорите да се привлечат и да им се овозможи рамноправно место во Алијансата на оној помал број европски земји што сè уште не се членки, а тоа го посакуваат, вклучувајќи ја тука, без никакви дилеми, и Македонија. Или, како што се очекува наскоро, идната – Северна Македонија.