Македонците од Ираклеа, Серско, Егејска Македонија основале културно здружение „Кирил и Методиј“ и веднаш по регистрацијата добиле покана за на суд, каде што сега треба да докажуваат дека имаат право да формираат такво здружение, пишува изданието на „Илинден“ од Тирана, весник на Македонците во Албанија.
За да го избегнат поимот „македонски јазик“, пишува весникот, Македонците од Ираклеа (Долна Џумаја), Егејска Македонија во регистрацијата напишале дека здружението меѓу другото ќе се грижи и за јазикот што го зборува автохтоното население.
Според грчките медиуми, Пан-хеленистичката федерација на културните асоцијации на Македонците поднела тужба, во која се вели дека членовите на здружението „Кирил и Методиј“ се сепаратисти и дека јазикот на домородното, автохтоно население не се разликува од грчкиот јазик. За нив, рекле тие, таму нема друго автохтоно население освен грчките Македонци.
Членовите на здружението „Кирил и Методиј“, како што објави весникот, велат дека не случајно ја избрале таа формулација (јазикот на автохтоното население) за да се избегне употребата на поимот македонски јазик и да се избегне репризата при регистрацијата на Домот на македонската култура во Лерин пред 30 години.