Македонци, слободно бидете си патриоти, ниту е срамно, ниту е забрането!

Има луѓе кои мислат дека вака едноставно мора. Дека Македонецот пак мора да биде Македонче. И како такво, Македончето мора да се исправа и себеси кога ќе си го „згреши“ името, ама и странците, ако случајно наместо Северна Македонија речат само Македонија. Тоа е Македончето кое е убедено (исплашено) дека сѐ мора да жртвува на олтарот на политичката коректност. Тоа е последица на тој трагичен недостиг на љубов кон себе и кон татковината. И недостиг на самопочит.

11519

На почеток, со големо задоволство ќе се согласам, и ќе потпишам дури, еден пост на мојот ФБ пријател Александар Левески. Тој деновиве напиша:

„Според мене, патриот е оној човек кој редовно плаќа даноци, работи чесно и посветено, придонесува во општеството и не си ја краде државата. Тоа е единствената мерлива дефиниција. Во Македонија има многу патриоти. Чесни, вредни, посветени, си ја бркаат работата и чесно си го вадат лебот. Уште повеќе има предавници. Луѓе кои мешетарат, ескивираат плаќање даноци, земаат провизии, си ја крадат државата. Овие вториве главно се распоредени рамномерно во политичките партии и глумат големи патриоти истовремено подбуцнувајќи го народот на поделби и омраза. Без нив, овде би било пристојно место на живеење. Ама ете, се позиционирале и го водат орото. Го сеат семето на поделбите и омразата. И го прават ова општество длабоко несреќно и потонато во очај“.

Се разбира, Левески е во право. Страшно е кога патриотизмот се сфаќа и се доживува како омраза, како поттикнување на поделбите, како националистичка и шовинистичка хистерија. Тогаш тој навистина е последното уточиште на бандитите. И тогаш и самиот збор го губи своето изворно значење, а луѓето ја доведуваат во прашање и смислата на љубовта кон татковината, воопшто. Во такви околности, се разбира, рационално исходиште на расправата е да се подигне гардот и да се каже, на пример, дека зборовите „патриот“ и „патриотизам“ сами по себе се смешни. Како што вели мојот пријател Левески. И уште додава: „Како се мери љубовта кон државата, не знам, љубовта е многу субјективно и немерливо чувство“.

До тука, сѐ е јасно и неспорно. Но, од тука некаде, според мене, почнува вистинската дебата за патриотизмот. Ве предизвикувам!

На ФБ гледам дека и Левески, како и јас, во моментов е во Грција. Или во јужна Македонија, ако така ви е полесно да нѐ лоцирате. Тој е на брегот на Јонското Море, јас сум на Белото Море. Бидејќи годинава ќе одморам подолго, решив и од овде малку чесно да поработам. Можеби и Левески ќе поработи малку. Двајцата секој ден јадеме и пиеме, купуваме во дуќаните, трошиме по некое евренце во таверните, не крадеме ништо од никого и малку, ептен малку, придонесуваме за развојот на грчката економија и општество. Освен тоа, баш никого не мразиме и не сееме поделби.

Хм, се прашувам, дали тоа во моментов нѐ прави грчки патриоти? Барем малку? Малкуцка?

Патриотизмот, сфатен како љубов кон татковината, а во својата најдлабока суштина како човекољубие (Ганди), сепак постои. Еден голем светски научник, Михајло Пупин (според некои теории, по потекло од Вевчани, што е небитно, чиста случајност), вели: „Кога ќе замре љубовта кон татковината, тогаш и државата мора да умре“.

Емотивниот однос кон татковината, во нашиот случај кон Македонија (слободно додајте каква сакате додавка, небитно е за расправава), во основа е однос на љубов и/или омраза, кој за државата значи живот или смрт. Многу едноставни равенки: љубов = живот; омраза = смрт. Равенки без непознати. Равенки кои го објаснуваат нашиот однос кон родната грутка, кон ова парче земја што нѐ поврзува.

Можеме да бидеме вредни, чесни и паметни, да плаќаме даноци и да го развиваме општеството и во некоја друга земја, каде што можеме и да се отселиме (ако сакаме, или ако мораме), како што тоа го сторија многу други. Но, можеме да бидеме и она што сме, обични Македонци – несовршени, вакви или онакви, добри или лоши, паметни или глупави – тука, во нашата татковина. Чиј опстанок зависи најмногу од нашата љубов кон неа. Или, обратно, чија смрт зависи само од нашата омраза.

Сега се сетив на еден фантастичен афоризам на Милован Витезовиќ – и калта е дел од родната грутка! Одличен шлагворт да ја доразвиеме тезата.

Да, треба да тежнееме нашата земја да биде подобра, а ние да работиме вредно и посветено, да плаќаме даноци, да ги почитуваме законите, да учествуваме во политичкиот живот и да бидеме пример за сите други, особено за помладите. Тоа е општественост. Не знам за Левески и за вас, почитувани читатели, но за да го правам сето тоа, мене навистина ми е потребен посилен мотив од фактот што случајно сум роден во Македонија и што веќе сум стар да размислувам да ја напуштам – тој мотив е љубовта кон оваа грутка, кон плодниот хумус во кој виреат најубавите семиња, ама и кон калта без кој грутката нема да биде тоа што е.

Љубовта навистина не е мерлива и не е сосема разумна и тука Левески е апсолутно во право. Може ли, на пример, да се мери оној скромен крст на Света Недела над Матка (каде што освен крстот и остатоци од мала црква нема ништо друго што вреди да се пофали) со еден Нотр Дам, на пример? Сум стоел качен на двата храма. Нема дилеми, фасцинантно е чувството да се гледа Париз од Нотр Дам. Но, кога стојам на карпата кај крстот на Света Недела, имам желба како орел да се устремам во кањонот, за да си ја насладам душата со убавини. Што го објаснува тоа чувство? Само љубовта, таа немерливата и необјаснивата, неразумната, ништо друго.

Тоа е истото чувство кога на моите пријатели Бугари, на пример, наместо да спорам за Гоце и за Јане, имено за тоа „чии се“, јас сакам да им ја запеам „Стар бел дедо овци пасе“. Еднаш им ја пуштив на Јутјуб. Се изненадија, не ја беа чуле до тогаш. И си замислувам како некогаш многу одамна, пред повеќе од половина век, сега покојниот оперски пејач Георги Божиков (како што ми има раскажувано Ристо Лазаров), некаде на некое патување во Пиринска Македонија, можеби баш под Пирин, ја пее оваа песна, пред збунетата публика со насолзени очи. Ниту е тоа најубавата песна на светот (има поубави и македонски), ниту покојниот Божиков е најголемиот пејач, но само неразумната љубов и некоја чудна вдахновеност може да ја објасни оваа митска сцена и мојата фасцинираност од неа.

Или, тоа е исто она чувство кога бесцелно лутам по нетов, а одеднаш на ФБ ми се појавува Бобан Карапејовски и ме чести со некакви чудни, прекрасни стихови на Конески. Уф, знам дека Конески не е најголемиот светски поет, дека во однос на светските поетски величини на нивното време, тој, Гане, Анте и многу наши други стихоклепци се како оној крст на Света Недела во споредба со Нотр Дам, но ве молам, никој така нема да ве чепне во срцето како Блаже, ниту да ве вознесе како Гане. Мислам, нема, ако и во вас не замрела љубовта кон татковината, после што државата и не е важна, па може и да умре, според оној едноставен Пупинов закон (да нема забуна, фразата „Пупинов закон“ јас го измислив, бидејќи човекот е физичар, тоа е објаснување за метафората).

Мислам дека можеби веќе ја разбирате поентата до која сакам да стасам по пат на некаква здодевна индукција…

Ајде подиректно. Јас сум убеден дека она што најмногу им недостасува на Македонците е една искрена и немерлива љубов кон својата татковина. Кон себе, всушност. Ама таква љубов која не е љубов ако рационално и ладнокрвно избира меѓу хумусот и калта, меѓу убавините и грдотиите, ако се вџашува од разликите и сака да ги потисне, ако сака да биде само политички коректна а не и палава, ако сака татковината само да ја разгалува а не и со неа да се кара, да ѝ противречи, да ја буди и да ја вознемирува.

Тука уште една мала дигресија, молам. Малку задоцнето, го прочитав романот „Олга“ на Шлинк. Мислам дека е исто толку силен како „Читачот“. И тврдам дека е чин на голем патриотизам да се пишува онака искрено и храбро за Германија и за Германците, но и за изворите на едно големо зло, како што пишува Шлинк. За мене тоа е акт на чудна, немерлива љубов. Имено кон Германија. Чист патриотизам. „Олга“ е љубовен роман. И патриотски, истовремено.

Само една работа поврзана со љубовта е мерлива, драг мој Левески, баш на ниво на аксиома – вистински да љуби може само некој што се љуби себе и има почит за себе, но и за другите. Љубовта, самопочитта и почитта, кумулирани низ времето, на еден простор кој се препознава како заеднички (држава како конечна творба), создава вредности што се именуваат со зборовите традиција, дух, самобитност, национално богатство. Омразата и политичките манипулации можат да ги злоупотребат овие вредности (го знаеме тоа од сопственото искуство), но љубовта е таа што ги воздигнува и им ја дава вистинската смисла и сила.

Јас разбирам дека има истрошени и искварени души, луѓе во зенитот на својата творечка и човечка немоќ, маратонци што го трчаат последниот круг, старци без животородни сокови што умеат уште само да лачат смртоносни отрови околу себе, ебиветровци што ја злоупотребуваат политичката констелација да заземат една фенси антипатриотска поза, убедувајќи нѐ блесаво дека само со својата церемонијална смрт Македонија ќе оживеела во нов ентитет, во нешто ново, во нешто што сега си доби и име („Северна Македонија“), но не само како службена одредница, туку и како идентитетска ознака. Засега тој нов „идентитет“ е маркиран само со некакви малигански репери, но ќе се работело и на тоа да се создаде програма на еден нов идентитетски инженеринг. Ниче е жив! Нашион Ниче, де…

Еден дел од нацијата паѓа на евтината реторика, робува всушност на својот поданички менталитет. Има луѓе кои мислат дека така едноставно мора. Дека Македонецот пак мора да биде Македонче. И како такво, Македончето мора да се исправа и себеси кога ќе си го „згреши“ името, ама и странците, ако случајно наместо Северна Македонија речат само Македонија. Тоа е Македончето кое е убедено (исплашено) дека сѐ мора да жртвува на олтарот на политичката коректност. Тоа е последица на тој трагичен недостиг на љубов кон себе и кон татковината. И недостиг на самопочит.

Ете затоа ќе си дозволам – ама баш најпатетично што умеам во овој миг! – јавно и гласно да ве повикам, Македонци мои, да си бидете патриоти, да не се срамите и да не се плашите да ја покажете својата љубов кон татковината, да се потрудите да им ја всадите и на вашите потомци. Оти, кој не се сака себеси, не може да ги сака другите. Кој не ја сака својата татковина, не може да сака туѓа. Кој не умее брата си да го сака, тој не заслужува цел свет братски да му е, како што пееше Рацин.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...