Македонците за 11-ти Октомври заминаа во Рим, Истанбул и Санторини, потврдија од неколку туристички агенции за Плусинфо.
– За 11-ти Октомври имавме поголеми тури. Два автобуси имавме за Кападокија, со богата програма, со Анкара. Еден автобус за Азурен Брег, еден автобус за Прага, за Истанбул, за Милано. Во овој период за Македонците најатрактивна е Турција, дури 150 луѓе отидоа таму. Во Грција за 11-ти Октомври имавме понуда за Санторини, тоа е традиционална понуда со три ноќевања и шестдневна програма – вели Нехар Селим од туристичката агенција „Нехар Травел“ од Скопје.
Тој додаде дека се готови и програмите за зима во Франција, дестинација која со години ја работеле.
– Во најпознатите скијачки центри во Франција, во Валдизер, Вал Торен … аранжманот вклучува автобуски превоз, 7 ноќевања во апартман и 6-дневна ски карта што чини 325 евра од човек. Со години работиме на тоа луѓето да ги видат убавините кои ги нуди Франција во белите часови. Секоја година сѐ повеќе и повеќе се пријавуваат да одат на оваа дестинација – вели тој.
Миле Спировски од туристичката агенција „Турист“ од Битола ни рече дека најбарана дестинација за денот на востанието била Сандански, која прва се продала.
– Имавме еден автобус за Рим, два автобуса за Санторини, два автобуса за Сандански, еден автобус за Банско. Скоро сите понуди беа со три ноќевања, само еден автобус за Сандански со две ноќевања – појасни Спировски.
Славчо Сирачевски од туристичката агенција „Аурора турс“ од Скопје вели дека сезоната во Грција завршила, па таа дестинација била послабо барана за празникот.
– Авионски аранжмани имавме за Париз, Рим, Венеција, додека автобуски за Будимпешта, Истанбул, Софија, Прага. Цените беа многу примамливи – додаде Сирачевски.
Се чини дека голем број Македонци сакаат да го поминат овој празник запознавајќи нови места во светот или враќајќи се на старите дестинации, кои оставиле убав спомен во нивните сеќавања. Голем дел од малите приватни фирми си го споија празникот 11 Октовмри со викендот и добија четиридневен мини одбор.
Фото: Shipwreck Beach, Грција