Македонско/ на Македонија

617

На едно место во славната Втора аналитика на Аристотел – Hermeneia или Херменевтика (наука за толкувањето-разбирање), стои дека граматичките категории се истовремено и логички. Што практично значи тоа?

Како што се знае, граматиката на секој јазик расправа само за формите на зборовите. Избегнува да расправа за нивната смисла (значења) затоа што, според зборовите на таткото на модерната лингвистика Фердинанд де Сосир, односот форма/смисла е еден „арбитрарен“, произволен однос.

Тоа значи: нема природна (органска) врска меѓу формата на еден збор и неговото значење. Напротив, таа врска е по договор или по – конвенција, како што вели, техничкиот јазик на лингвистиката. Оттаму и двете крупни струи (натуристи и конвенционалисти) во теријата на јазикот за кои станува збор уште во Кратил на Платон.

Еден друг, знаменит лингвист на нашето време, Данецот Луис Хјелмслев, направи едно важно разликување кое стои поблиску до Аристотел и подалеку од ригорозниот формализам на Сосир. Според тоа разликување треба да се води сметка за „супстанца (содржина, смисла) на формата“ на една, и за „супстанца на содржината“ на друга страна.Тоа разликување на Хјелмслев добро помага да се разбере смислата (содржина) на изразите „македонско“ (придавка) од една и „на Македонија“ од друга стрна. Имено, тие два израза имаат иста супстанца на содржината, но затоа пак – различна супстанца на формата.

Кога ќе речете вие, на пример, „македонско државјанство“, или „жител, поданик, граѓанин итн., на Македонија“, вие сте рекле иста работа според она разликување кое го направи данскиот лингвист Хјлмслев, а за кое се рече дека стои многу поблиску до Аристотел и многу подалеку од формализмот на Сосир, со силно упориште и во Опшата лингвистика на Емил Бенвенист. Toj лингвист го поправи Сосир кога рече: врската меѓу зборовите не е произволна (арбитрарна) туку, напротив, „нужна“.

Сега треба да се прашаме: зошто е така? Зошто една иста работа (смисла, содржина) може да се искаже на два различни начина?

Сите оние што имаат некои општи, елементарни увиди во граматиката на еден јазик до кои доаѓаат на најрана возраст (основно образование), добро знаат дека постојат синтетички (латинскиот, рускиот, српскиот итн.) јазици на една и аналитички (модерниот грчки, македонскиот и албанскиот ако не е лажам) јазици на друга страна. Првите ги изразуваат односите меѓу зборовите со суфикси, додека вторите користат за таа цел предлози. Така, на пример, латинското rosa (номинатив), ros-ae (гентив), ros-ae (датив) има свој еквивалент (иста супстанца на содржината) во македонски форми: ружа, од ружата, на ружата. Така е и со руските форми: окнó (номинатив), окнá (генитив), окнý (датив) кои на македонски гласат: прозорец, од прозорецот, на прозорецот.

Како стои таа работа со придавката „македонско“ или (тоа „или“ се бележи со косата црта „/“ во Преспанскиот договор) „на Македонија“ во формулацијата „државјанство: македонско/на (Северна?) Македонија“?

Секој основец ќе ви рече дека придавката „македонско“ означува припадност (датив) на жител, поданик или граѓанин на државата Македонија кој, од своја страна, може да биде етнички Македонец, Албанец, Турчин или Србин – луѓе кои живеат во таа држава.

Кога сме веќе кај тие „етноси“ нема да биде излишно ако се потсети: кога Аристотел, во својата „Поетика,“ расправа за трагедијата која, според него, била “состав од собитија“(systasis pragmaton), тој укажува на некои задолжителни „делови.“

Меѓу нив спаѓаат и ликовите, еthe во речникот на големиот филозоф од Стагира. Нашиот знаменит елинист М. Д. Петрушевски тоа еthe на Аристотел го преведе со „характери“. Тие ликови кои во речникот на модерниот семилог Греимас се викаат „актанти“ во длабинската и „актари“ во видливата структура на некое уметничко дело (роман, драма или филм) не се ништо друго освен идентитети, индивидуи (единки) на некоја етничка група. Или „характери“, како што би рекол елинистот М. Д. Петрушевски. Затоа што секоја етничка група е составена од единки, затоа што секоја единка има некои „характеристики“ врз основа на кои ја разликуваме од друга, може да се разликуваат, по истиот начин, и етнички групи. Значи, постојат и групни (етнички) „характеристики“. Главни во нив се: јазикот и традицијата: усна и писмена (историја).

По сиве овие, ред е да признаам, донекаде здодевни, иако неопоходни за пошироката публика појасненија, треба да се прашаме: која логика ги водела водачите на некои помали албански партии кои не гледаат или не сакаат да видат дека нема никаква (суштинска!) разлика меѓу формите „македонски“ и „на Македонија“? Особено ако се има предвид дека тие работи се наполно јасни за секој основец кој не бегал од часовите по мајчин јазик и граматика?

Нема друг логичен одговор на тоа прашање освен оној дека, водачите на тие мали партии го начекале во тесно премиерот Заев кој, во својата потрага по двотретинско мнозинство, веќе направи некои колосални отстапки што тешко ги голта јавното мнение. Вистина, тие бараат јајце во влакно кое го нема! Ама и тоа добро помага да се факторизираат на нашата бурна и драматична политичка сцена. Да се факторизираат, како што велеше некогаш пастир Груевски!

За крај уште и ова: тоа што е многу јасно за секој основец по однос на формите „македонско“ и „на Македонија“, уште појасно е и за водачите на оние албански партии кои се „факторизираат“, а не помалку јасно и за Н. Димитров кој го избоксува Преспанскиот договор со Гркот Коѕиас?

Зошто тој си го дозволил луксузот да се послужи со груб „плеоназам“ (така би рекол Бранко Геровски) кој, од своја страна, зборува за скромна, да не речам лоша стилска грамотност?

Затоа што секако сакал со тоа да истакне дека придавката „македонско“ упатува на идентитетот Македонец (имало да грмне, си мислел Димитров: „ете, го спасивме идентитетот!“), грмеж кој добро го чуле оние од Алијансата на Села и Беса на Касами. Тие добро и точно ја прочитале добрата намера (парче месо во челуста на нашиот зол национализам!) на министерот Димитров. Една добра намера која, како и секоја добра намера, му донесе толку силни, иако сосем очекувани главоболки на премиерот Заев. Со толку многу „разбирателство“  за сè и сешто, па и за она влакно во јајце кое го – нема!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...