Македонско враќање во иднината

Како што може да се насети од тонот и содржината на последните изјави на „надлежните“, до договор, најверојатно, нема да се дојде.

1296

Бидејќи полека се приближуваме до ѕидот што Грција, повторно, го поставува пред нашите евро-атлантски перспективи – и овде не е намерата уште еднаш да се навлезе во три-децениските расправи за аргументите и квази-аргументите во спорот за името на оваа или на онаа страна – доаѓаме и до точката во која притисокот врз новата власт влегува во „слепа улица“: или имаме или немаме договор што ќе ги задоволи двете страни, за да се дојде до компромис?

Роковите притискаат, на тоа прашање наскоро ќе мора да се одговори, со „отворање на картите“ пред целата нација. Како што може да се насети од тонот и содржината на последните изјави на „надлежните“, до договор, најверојатно, нема да се дојде.

Таквиот исход би бил, објективно, големо разочарување по вложената значителна енергија и политички кредибилитет и на македонската и на грчката страна. Но, што да се прави, ризикот дека решение со Грците и овој пат нема да се најде е најстабилната варијабила во целиот долгогодишен спор.

Одговорот на премиерот Заев, на вчерашната прес-конференција, за можниот ваков исход на преговорите, мора да се признае, звучи многу рационално и успокојувачки: „Секако дека имаме план Б. Работиме на реформите, иако знаеме дека и политичкото, отворено прашање треба да го решиме. Гледате дека сме посветени на економијата, затоа што бруто домашниот производ, капиталните инвестиции, привлекувањето домашни и странски инвестиции се нешто што живот значи. Ако, некако, и понатаму бидеме блокирани, пред НАТО и пред ЕУ, јас се надевам дека тоа никогаш повеќе нема да се случи, но, еве, ако се случи, ние ќе мора Европа да ја донесеме овде. Доколку не постоеја Европската Унија и НАТО, што ќе правевме денеска? Реформи. Ќе го унапредувавме системот, заради тоа што мораме да обезбедиме квалитет на животот на граѓаните.“

И тоа, навистина, е така. Реформите на ова „заглавено“ македонско општество се битни за нас, самите, а не за ЕУ и за НАТО.

Сепак, сега доаѓаме до клучната поента на која секој граѓанин на Македонија, сталожено, како и во проекцијата на премиерот Заев, треба да си даде свој одговор: ако преговорите со Грција не отворат позитивна перспектива за наше зачленување во ЕУ и во НАТО, и тоа со прилично дефинитивен исход за оваа генерација македонски граѓани, имаме ли сила и верба во македонскиот државен проект и во таквиот политички систем којшто ќе треба да егзистира вон евро-атлантските структури? Имаме ли знаење и волја „Европа да ја донесеме овде“, како што вели Заев?

За еден добар дел од етничките Македонци одговорот – со различен степен на лутина, разочараност или антизападен сентимент – е позитивен: ЕУ и НАТО не ни се потребни. За нив прекинот на евро-атлантската перспектива на државава ќе биде дочекан со олеснување и задоволство. Сочувано е името на државата, а со тоа – веруваат тие – и македонскиот идентитет.

За другиот дел Македонци и големото мнозинство други етнички групи во Македонија, ќе настапи период на длабока разочараност, морално-политичка деморализација и, веројатно, почеток на процес на отворање поинакви политички алтернативи чијшто развој, сега, е тешко да се предвиди, а и не е неопходно веднаш да се прогнозира.

Но, факт е дека Македонија, со „отсечена“ евро-атлантска перспектива, ќе ја промени, барем на среден рок, својата темелна внатрешна и меѓународна политичка ориентација. Политичката сцена ќе „отврдне“, национализмот ќе се засили, либералните опции и мултиетничката демократија ќе дојдат во криза, иселувањето уште повеќе ќе се интензивира, тоа сето ќе се одрази врз брзината и квалитетот на реформите, а надворешните фактори и нивните пропаганди (бугарски, руски, српски, албански итн.) дополнително ќе се засилат.

Фактички, ќе почнеме да наликуваме на Македонија од првите неколку децении на минатиот век. Нот гуд, ич.

А целиот проект на оваа, независна и демократска, Република Македонија беше да се избегне токму тоа: повторно да не станеме она на Балканот, што бевме пред стотина години. И, се извинувам, ми недостасува шеќер (а и потреба) оваа приказна да ви ја заблажам.

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...