Македонското лекарско друштво (МЛД) најостро ги осудува настаните кои изминативе денови се случија во здравствените установи во Тетово, Струга и последниот, денешен во ЈЗУ Универзитетска Клиника по Хируршки Болести “ Св. Климент Охридски” – Скопје. Ваквите немили и за жал, зачестени инциденти во нашите здравствени установи, ја искривуваат реалната слика за макотрпното работење и давање на медицинска помош и секаков вид на здравствени услуги од страна на лекарите и другиот здравствен персонал кои работат во овој сектор на нашата држава, соопштија од МЛД.
Поради превенција од вакви настани, МЛД ги наведува општествените фактори кои придонесуваат за ваквото однесување на тие кои што дошле да побараат медицинска помош од здравствениот персонал, како што се употреба на алкохол и наркотици, антисоцијално однесување, како и високата стапка на семејно насилство, што не било далеку од реалноста и во овој случај.
Но, исто така, како и во вчерашниот случај во ЈЗУ Универзитетска Клиника по Хируршки Болести “ Св. Климент Охридски” – Скопје, МЛД ги посочува како важни и факторите кои се поврзани со личноста и однесувањето на пациентите/клиентите, нивните роднини и посетители на здравствени установи. Карактеристиките на личностите и нестабилното/ несовесно однесување, во конкретниов случај, како на лицето кое го предизвикало овој немил настан се ниската култура и воспитување, тенденцијата да бидат агресивни, непријателското расположение, пренесувањето на проблемите од дома, но најверојатно и зависноста од дрога и алкохол во споменатиов случај.
Според трудовото законодавство во Македонија, безбедни услови на трудот се неприкосновено право на работниците и одговорноста на работодавачот е да ги обезбеди. Проблемите со насилството на работното место во оваа фаза можат да бидат дел од нив.
МЛД предлага да се ревидира Програмата за здравје и безбедност при работа како и посебна фаза за развој на специфични програми за борба против насилството на работното место, посебно нагласувајќи го Законот и правата за заштита на здравствениот персонал.
МЛД нагласува дека во рамките на оваа програма, треба да се обврне внимание на забрана на насилство на работното место, како и евалуација на работата во однос на ризикот од насилство, обезбедување на безбедносни мерки и технички средства, како и надградена административна контрола.
Македонското лекарско друштво ги замолува Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство колку што е можно повеќе да ангажираат лица за обезбедување и припадници на МВР на најфекфентните амбулантски пунктови, особено оние кои работат и навечер и ургентни центри, со што би се обезбедила сигурност на лекарите и медицинскиот персонал при обавување на нивната работа, се вели во соопштението на Македонското лекарско друштво, потпишано од претседателот Доц. д-р Горан Димитров, сци.мед.