Добро, ајде да земеме сега дека некои работи, во кои се добро упатени (или би требало да бидат добро упатени!) „јазиковедите“ и „литературоведите“, како што ги викаат велеучените лингвитите и литратурните историчари нашите источни соседи, не мора да бидат работи од некој посебен, висок, прв интерс на филозофите. Особено оние од голем “маштаб“ како што е, несомнено, случај со бугарскиот филозоф Ивајло Дичев.
Уште помалку може да се очекува еден филозоф за кој тука станува збор, кој за себе вели сега дека бил „задоен со комунистчкиот етнонационализам,“ во детали да биде упатен во полемичката расправа „По повод најновиот напад на македонскиот јазик.“ Која, згора на тоа, го зема на удар тој „етнонационализам.“ Во речникот на Конески се вика „великобугарски шовинизам.“ Бил со поинакво влакно. Но затоа пак со идентична ќуд, како и великосрпскиот.
Најмалу може да се очекува, меѓутоа, истиот филозоф да го земе под внимание уводниот дел од полемичката расправа на Конески во која вели дека, во далечната 1948 година дошло до чудесно „разбирателство“ меѓу поразениот (во Втората светска војна) „великобугарски шовинизам“ и „етнонационализмот“ на новата комунистичка власт. Во тој уводен дел Конески дава многу детали за тоа дека, во периодот 1945-1948 (време на Г. Димитров) против некој македонски јазик и нација била само тогашната „буржоаска опозиција“ во Бугарија. Потоа, по раскинот на Ј. Б. Тито со баќушка Сталин (Инфомбирото од 1948), тоа „против“ станало официјална политика на комунистична Бугарија за да заврши како „беспорна“, непореклива вистина на бугарската историја и лингвистика.
Некое повеќе чудно отколку чудесно „разбирателство“ кое, на свој начин, упатува на тоа дека има нешто од далечната 1948 во сегашната 2019 г. Тоа „нешто“ се сведува на следново: како што, според зборовите на Ив. Дичев, Хитлер ја купил лојалноста на Бугарите со тоа што им допуштил да окупираат територии од Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, така и Сталин ја купува слепата, безусловна верност на Бугарија кон „реал-социјализмот“ со тоа што галантно и допушта да ја анулира политиката на Г. Димитров која призна македонски јазик и нација.
Значи, првин имате политичка вистина која го бара својот смоквин лист во високата наука (историја и лингвистика). Имате и сега еден политички Договор за пријателство меѓу Борисов и Заев кои, безбели, не се имуни на искушението да се закитат со атрактивниот ореол „евро-политици,“ иако Балканци. Дали, кога тие сложно бараат нивната евро-политичка вистина да стане научна преку две владини комисии (веројатно добро платени) што пеглаат бугарско-македонски „междусебици,“ не постапуваат како некогаш (во далечната 1948) баќушка Јосиф Висарионович со неговите „спутники“? Дали нивната политичка вистина не бара (на особен, мек начин!) од високата наука да и послужи како смоквин лист? Ете зошто, во својство на научник, И. Дичев апелира до двете владини Комиси за историја и образование да не дојдат до „заедничка вистина“ за тоа чиј бил Гоце Делчев од Кукуш, на пример. Длабоко убеден во тоа дека ни нема друг (добар!) начин да спасат, како што популарно се вели, чист „образ и газ“.
Убаво, ама филозофот за кој тука станува збор не зборува само како научник. Зборува и како политичар, како што објаснив веќе во својот втор напис на тема македонскиот јазик. Кога зборува како политичар, тој не се разликува многу од Б. Борисов и Е. Захариева. Иако неговиот јазик е многу учтив, мек и наместа езоповски. Што е во прашање? Некој вид интелектуален конформизам? Или пак дефицит од факти на кои укажав, а за кои зборуваше Конески пред некои полни 70 години? Денес актулен и убедлив како и пред толку многу години!
Ако е второто во прашање, тогаш надвор од секакво сомнение е дека еден филозоф од голем „маштаб“ како Ив. Дичев има добар увид (подобар од мојот?) во науката на еден негов собрат по перо и етно-потекло со кој денес, со полно право, се гордее модерна Бугарија, а кој западниот свет го слави како „апостол на хуманизмот“. Станува збор за Цв.Тодров кој во својата велеучена книга „Заеднички живот, расправа за општата антропoлогија“ (La vie comune, Essai d’anthropologie générale) подложува на остра критика една долга интелектуална традиција (Хегел, Ниче, Маркс) која ги разбира посебностите (разлики, единки и, респективно, нации) како спротивности или антагонистички поларитети. Што е, според зборовите на Тодоров, флагрантен „редукционизам“. Детали за тоа нема изнесувам. Тие му се добро познати на Ив. Дичев. Има, меѓутоа, нешто друго кај Тодоров. Фрла крупна сенка на сомнение врз теоријата дека отровното млеко на „етнонационализмот“ е толку силно што нема човек кој нема да му подлегне. Тие детали заслужуваат да бидат изнесени. Барем некои, најнеопходните.