Предизвиците од ширење дезинформации и соработката за справување со нив, беа во фокусот на работилницата, што се одржа изминатите два дена во Солун со учество на 35 новинари од Македонија и Грција. На работилницата за јакнење на капацитетите на новинарите за справување со дезинформации во двете држави се дискутираше за можните начини за справување со овој глобален предизвик, вклучувајќи дополнителни обуки и формирање дигитален комуникациски центар во Солун за справување со дезинформации.
Искуства и идеи споделуваа новинари од Медиумската информативна агенција (МИА), грчката новинска агенција АНА-МПА, приватни медиуми од двете држави како и претставници на академската заедница и невладиниот сектор.
Семинарот го организираа амбасадите на САД во Северна Македонија и Грција, Центарот за глобално поврзување на Стејт департментот, Американската агенција за глобални медиуми и Центарот за европски перспективи.