Авганистанската полиција соопшти дека македонски државјанин е киднапиран и убиен во главниот град на Авганистан, Кабул. Тој е убиен заедно со уште двајца странци кои работеле за меѓународна компанија за храна во Кабул.
– Индиски, малезиски и македонски државјанин беа киднапирани и убиени, а ги пронајдовме нивните тела – изјави денеска портпаролот на началникот на полицијата во Кабул Хашмат Станекаи, додавајќи дека тројцата работеле во втората по големина компанија за храна и кетеринг во светот „Содексо“.
Авганистански претставник соопшти дека нивните лични карти биле пронајдени покрај нивните тела и оти сега бараат потврда од фирмата за која работеле.