Стрипот „Си беше еднаш еден човек“ на сценаристот Александар Стеванов од Штип и илустраторот Дарко Богданов од Виница е прогласен за најдобар во категоријата „раскажување“ на меѓународниот конкурс во рамки на Ваљевскиот стрип фестивал, кој денеска и утре се одржува по третпат во Ваљево, соседна Србија.
Одлуката ја донесе Жирито предводено од Зоран Стефановиќ, управител на Центарот за уметност на стрипот – Белград и Дејан Богојевиќ, уметнички директор на фестивалот, а во отсуство на наградените автори, наградата ја прими Томе Трајков, координатор на Стрип центарот на Македонија.
-Кога нечие ликовно-текстуално раскажување е оценето од стручни имиња во областа кои се секако далеку поголеми од нашите, задоволството е на највисокото ниво, затоа што тоа е првенствената причина поради која и се занимаваме со овој медиум. Уште повеќе што сценаријата на Александар се универзуми сами по себе, кои уживам да ги цртам, и после секој наш заеднички стрип и двајцата сме уште позрели како луѓе и како автори, изјави стрип-авторот Богданов.
Од пристигнатите дела на 103 автори од 11 земји (Босна и Херцеговина, Бугарија, Канада, Литванија, С.Македонија, Романија, Русија, Србија, Унгарија, Уругвај и Црна Гора), меѓу наградените е и ветеранот на македонската стрип-сцена – Златко Крстевски од Прилеп. За стрипот без наслов, тој беше прогласен за најдобар во категоријата „Општествен ангажман“.