Со голот на Бобан Николов постигнат во финишот на првото полувреме, македонската фудбалска репрезентација вечерва го совлада Израел со 1:0. Трите бода сосема заслужено останаа во Скопје, а триумфот на „црвено-жолтите“ можеше да биде поубедлив доколку на Националната арена „Тодор Проески“ беа исористени уште некои од десетината шанси.
Избраниците на селекторот Игор Николовски го обезедија третото место во Г-групата од квалификациите за ЕУРО 2020, што претставува најдобар пласман на македонската А-селекција во еден квалификациски циклус од осамостојувањето до денес.
Во прилог на македонските фудбалери оди и победата (3:2) на Полска вечерва на домашен терен над Словенија, резултат по кој Словенците паднаа на четвртата позиција.
Пласман на ЕП обезбедија двете првопласирани селекции, Полска и Австрија. Израел заврши на петтата позиција, додека последна е Летонија со само три бода освоени вечерва на мечот со Австрија.