Екипи на македонската полиција и денеска ја продолжуваат потрагата по двајцата полицајци од Косово кои во саботата со возило излетале во реката Лепенец, од косовската страна на границата.
Вчера од полицијата изјавија дека се претпоставува дека телата може да бидат пронајдени и однесени од реката на македонската страна од границата.
Вклученоста на МВР во потрагата ја потврди и косовскиот министер за внатрешни работи Бејтуш Гаши, според кого потрага освен на косовската страна се прави и долж течението на реката Лепенец, на македонскиот граничен појас, во близина на селото Блаце.
Во потрагата се вклучени големи полициски сили, противпожарни единици, нуркачки екипи.
Двајцата полицајци се дел од Полициската станица од Качаник, а несреќата се случила за време на патрола на излез од градот, кога службеното возило во кое биле од непознати причини излетало од патот во провалија длабока 150 метри и завршило во водите на Лепенец.