Која е последната книга што сте ја прочитале? На ова прашање во едно телевизиско интервју, поранешниот шведски премиер во два мандата, Јоран Першон, ја искористи можноста со воодушевување да ги изнесе своите позитивни впечатоци од романот „Човек без судбина“ од унгарскиот нобеловец Имре Кертес. Но, веднаш потоа не му дозволи на новинарот да го заврши интервјуто пред да каже неколку збора и за книгите на шведски писатели кои исто така биле ставени на неговата наткасна.
Во Скандинавија мошне често интервјуата со истакнати јавни и политички личности го содржат и прашањето за консумирање културни содржини. Весниците секојдневно објавуваат по неколку осврти и рецензии за творечки остварувања во разни уметнички жанрови. Но, за да се добие и поширока слика во јавноста за тоа што посебно го привлекува вниманието се поставуваат и вакви прашања до луѓе кои извршуват високи јавни и државни функции и влијаат на креирање на јавното мислење. Токму затоа во посебни рамки во новинските интервјуа, вообичаените генералии, односно податоци за возраста, семејната сотојба и слично, се дополнуваат и со податокот за, на пример, последната гледана театарска претстава или последната прочитана книга.
Во Македонија, ваков вид прашања до политичките лидери и други високопозиционирани личности стануваат интересни, ако се и воопшто предмет на нечие интересирање, да речеме, секоја престапна година, или уште поретко. Сè поголем број книги се објавуваат во Македонија од година во година. Но, поради сеопштата политизација, критичките одгласи и рецензии се веќе од поодамна исфрлени од медиумите, и никакво посериозно вреднување не ги следи новите изданија. А и оние ретки рецензии што ќе се појават, обично се резулат на личен пријателски однос и симпатии, нешто што најчесто се прави инцидентно, во договор или по нарачка.
Деновиве беше објавен список од дури 38 дела кои ќе се натпреваруваат за наградата „Роман на годината“ на Фондацијата „Славко Јаневски“. Жирито сега има време од неполни два месеца да ја соопшти свјата одлука, разгледувајќи цел куп прозни дела од кои најголемиот дел воопшто не ни биле присутни во јавноста и не поминале низ филтер на вредносни судови и одзив меѓу читателите.
Сосема случајно имав можност да прелистам неколку книги кои се на годинашниот список за избор на роман на годината, но уверен сум дека воопшто не грешам кога тврдам дека станува збор за објави меѓу кои има и такви кои не заслужуваат дури ни да влезат во печатница, а камоли да се натпреваруваат за таква престижна награда. На жирито, значи, сега му останува неблагодарната задача со тајно гласање да направи каква-таква селекција и да го прогласи најдобриот роман.
И што потоа со делото што е избрано да ѝ се посочи на јавноста како најдобар роман во претходната година? Секое чудо за три дена. Ќе се направат неколку средби и интервјуа со авторот, и тоа е сè. Некаква стратегија во Македонија, кога станува збор за поширок пласман на наградените дела, е речиси занемарлива. Македонските писатели кои со преводите на своите дела успеале да ги пречекорат границите на сопственото јазично подрачје се познати главно на Балканот. Има и исклучоци, се разбира, односно автори кои се преведени на поголем број јазици во светот, но во отсуство на поконкретни податоци и сознанија околу тиражите и продадените примероци, останува само да се претпоставува, и, се разбира, да се биде оптимист, дека нивните книги наидуваат на поширок читателски круг во странство.
Во популарните џебни едиции, кои содржат дела од светски класици, книги од врвни современи прозни мајстори, но и крими и љубовни бестселери и психолошки книги, во продажните пунктови во централните подрачја на западните европски метрополи одвреме-навреме ќе видите понекоја книга од хрватски или од некој српски или словенечки писател, но не и од македонски.
Книгите на познати европски и светски автори кои доживуват високи тиражи, тешко би можеле да бидат „откриени“ без агресивен маркетинг поддржан од фондации за преведувачки грантови кои директно соработуваат со реномирани издавачки куќи. Но, лансирањето на дела од помали јазични средини е двојно потешка задача, бидејќи се одвива во услови на остра конкуренција. Сепак, факт е дека меѓу писателите со најпродавани книги во Европа редовно се вбројуваат и автори од скандинавските земји, кои исто така се сметаат за помали јазични средини. Дела што кореспондираат со вкусот на модерните читатели имаат шанса за успех.
Гласот на македонскиот писател е тивок. Многумина македонски писатели избираат самоизолација, останувајќи на маргините на општествената дебата. Тишина владее и во нивната асоцијација, Друштвото на писателите на Македонија, чии заложби за подобрување на статусот на книгата и на писателот, и за развивање на широка меѓународна соработка преку која ќе се унапредуваат тие статусни прашања, се минорни. Во исто време политичкиот естаблишмент ја потценува културата, и литературата, со својот ирационален пристап, оставајќи ја некако да преживее без целосно да згасне, и третирајќи ја пред сè како проблематично буџетско оптоварување.
Лошиот статус што го ужива македонскиот писател во општеството не е нарушен од вчера. Имињата на авторите од првата повоена македонска писателска генерација, чии дела и понатаму се читаат и цитираат како врвни творечки дострели, јасно сведочат за трагичниот деструктивен однос во јавноста кон сопствената национална култура и творечка традиција. Славко Јаневски е лустриран, спомен плочата на поетот Ацо Шопов на куќата во која е роден во Штип е скршена и вандализирана, а политички личности од ситен формат бесрамно си дозволија духовниот столб на македонската литература и лингвистика да го наречат „џуџе од Небрегово“. Посрамна и полигава позиција од која е направен обид за понижување и сквернавење на нациналните и творечките вредности тешко може и да се замисли.
Но, кога сме веќе кај немоста и тишината, вреди да се посочи познатата лирска минијатура на знаменитиот Ацо Шопов, „Слеј се со тишината“, во која можеби на најдобар начин доаѓа до израз неговото оксиморноско сфаќање на убавината на поезијата, каде што неизреченото што длабоко притиска и пече, „тишината сама ќе го рече“. Всушност, ќе се преобрази во некаков вид „гласна тишина“.
Во едно друго време Ацо Шопов велеше дека „тишината може многу погласно да изговори некои вистини“. Но нема никаква дилема дека во во ова време, во кое доминира забревтана политичка дебата, исполнета целосно со лажни вести, невистини, манипулации и неморал, од македонскиот интелектуалец и писател, – наместо тиишина, – повеќе од кога и да било, се очекуваат категорични, строги и – гласни зборови.