Кога човек ќе дојде над амбисот сопира. Избезумен е! Не знае што да прави. Не знае каде да оди. Назад не може! Напред го чека провалија!? Нема каде!? Силно вика. Обвинува. Бара виновник. Бил голем. Најголем. Бил над сите. Зборот негов не само што наредувал туку и убивал. А сега! Сега е толку мал и немоќен! Како зрнце од афион. Стои над бездната! Моли. Никој не го слуша. Спас бара да се фати на сламка.
Во бунилото до него доаѓа глас:
„Никола твоето време заврши. За сите злодела ќе те памети и ќе ти суди историјата. Сега ти судат тие што ти ги создаде. Што верно, како кутриња, ти се клањаа и се правеа дека ти веруваат. Што ги извршуваа сите твои злоби. Те лажеле Никола. Те лажеле и тие и сите околу тебе. Те почитувале од страв, а не од почит. Беше ‘вожд’. Беше голем. Рака ти бакнуваа. Мислеше дека си поголем и од Господа!? Мислеше дека и народот и државата се твоја сопственост. Заборави на една голема народна мудрост Никола: ‘Човек се памети само по добри дела!’. А ти се чини многу малку направи за својот народ и за Македонија. И затоа не заслужуваш да те паметат. Замини! Земи ги со себе и сите оние споменици и замини. Не пркоси. Не барај виновник. Сам си ти виновен за сѐ. Народот, кој слепо ти веруваше, ти пресуди. Тој народ никому не му простил. И тебе нема да ти простат!“.
Да, точно така. Кога човек ќе дојде над амбисот не знае што да прави. Нагоре високо, а надолу длабоко. Како утеха, иако знае дека е виновен, вината, во судниот миг, ја бара кај друг. Не чинеле оние што дојдоа на негово место. Не чинеле судиите! Сите не чинеле, а само тој чинел!? Не, не е така Никола! И тие што дојдоа на твое место, ако работат како тебе и тие еден ден ќе застанат над амбисот каде што сега си ти. И ним народот ќе им суди! Запомни!.Македонскиот народ никому не простува!