Како знак за добрососедство и пријателство меѓу Македонија и Бугарија македонска делегација ќе учествува на воената парада в недела во Софија, по повод 140 години од формирањето на бугарската армија.
– Тоа е знак на партнерство и сојузништво. Тоа е знак дека ние ја прифаќаме Македонија за наш партнер и како иден сојузник во НАТО и како парнер на Балканот – изјави бугарскиот министер за одбрана, Красимир Каракачанов, кој денеска во Софија се сретна со неговата колешка Радмила Шекеринска.
Припадници на Армијата на Република Македонија во состав од еден ешалон од четвртиот механизиран пешадиски баталјон, од првата механизирана пешадиска бригада, ќе учествуваат на парадата по повод Денот на бугарските вооружени сили, која ќе се одржи на 6 мај (недела) во Софија.
Составот на АРМ кој замина во Република Бугарија, од денес заедно со своите бугарски колеги ќе ги извежбува постапките за настапот на воената парада.
Учеството на единица од АРМ на парадата е врз основа на прифатената покана за учество, од страна на претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, за време на неговата официјална посета на Република Македонија во февруари годинава.
На самата воена свеченост на изведување на парадата на 6 мај во Софија, ќе присуствува и висока воена делегација на АРМ предводена од началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски.
Министерката Шекеринска, пак, денеска учествуваше на меѓународната конференција „Кон изградбата на нов европски одбранбен идентитет“ во Софија.
– Имаме јасни примери за користа на двете страни од едно проширување и доколку се дозволи долг политички или стратегиски вакуум, тој може да предизвика закани кон европската безбедност. Се надеваме дека европскиот идентитет во областа на одбраната ќе добие јасна форма и ликови и повеќе ќе биде стратегиско смело мислење и брзо донесување одлуки од европска гледна точка. Тоа е неопходно за сите нас кои зависиме од една силна Европа – рече Шекеринска.