Македонка се грижи за деца при пловидба: Работата на брод не знае за политика и расизам

715

Македонка која се грижи за деца при пловидба вели дека работата на брод не знае за политика и расизам. Билјана Василева за работа на брод досега има направено четири договори од шест месеци и десет од два месеца.

– Прв пат заминав на брод во 2008 година. Првиот договор беше на шест месеци на релација Мајами – Бахами – Мексико. Одлуката дојде по неможноста за вработување, откако дипломирав на Педагошката академија во Битола отсек воспитувач за предучилишна возраст. Тоа ми беше и единствената можност тогаш за работа надвор од Македонија – рече Василева за Плсуинфо.

Со нејзината преголема пасија за работа со деца, таа била пресреќна кога и кажале за работните обврски.

– Тоа што ми кажаа дека ќе работам со деца во игротека беше предност да стекнам искуство во струката, а тоа што ќе имам можност да го прошетам целиот свет беше остварување на мојот сон – рече Василева.

Нејзината задача било организирање на забавни активности за деца од 3 до 12 години. Во слободно време, како што вели таа, вработените имаат можност да ги прошетаат сите дестинации.

– Мојата работа вклучува тим од 15 вработени. Персоналот и патниците се буквално од целиот свет, што е предност да се запознаат другите култури и нивните традиции. На бродот сме како едно големо семејство. Не се зборува за политика и расизам и не се осудува. Секој си ја работи својата работа, но во слободно време може да се дружиме. Секогаш има солзи кога некој треба да си оди – појасни Василева.

Таа додаде оти само работата со деца има можност за сезонски договори од еден до два месеца.

– Првите месеци е напорно затоа што се работи секој ден и постојат строги правила кои мора да се почитуваат. Еднаш додека шетавме низ Њујорк со колешките се изгубивме, а имаше голем метеж во сообраќајот. За среќа носев пари, па со такси успеавме навреме да стигнеме на бродот. Тоа е најголем стрес. Не смее да се доцни на брод – нагласи Василева.

Во нејзиното десетгодишно искуство, Василева вели дека има преубави спомени.

– Компанијата „Norwegian Cruise Lines“ ми овозможи да стекнам огромно искуство и секогаш го наградуваше мојот труд за многуте идеи што ги презентирав за децата – додаде таа.

Од посетените дестинации, најголем впечаток и оставиле Њујорк и Скандинавија.

– Сега имам свој клуб за деца за прославување родендени, но додека трае летниот распуст, сезонски им се враќам на бродовите – појасни Василева.

Таа додаде оти сѐ уште се надева дека ќе има шанса да се вработи во некоја од детските градинки во нашата држава.

– Оние кои имаат желба за заработка, оние кои сакаат да патуваат и да го видат светот, или имаат голема желба да работат со деца, работа на брод е вистинската можност. Пред сѐ, ќе се изградат како самостојна личност, а ќе ги видат и сите оние убавини кои се кријат во другите култури, а кои сме ги гледале на филмови или интернет – заврши Василева.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...