Македонијо, не бери гајле, ќе те брани „кризниот штаб“!?

Се менува наместо ФИРОМ, односно Република Македонија во иднина да се викаме Република Северна Македонија. И во турско, српско, бугарско, грчко и за време на СФРЈ ни го менуваа името, но секогаш ние останавме Македонци.

1134

Чуден народ сме ние Македонците. Препекавме да имаме многу лидери. Ако треба и со петмина формираме партија. И веднаш поставуваме претседател, лидер де. Па не е чудно зашто не знаеме колку партии има во Македонија и колку лидери.

Ова го велам зашто деновиве триесетина партии, невладини организации, откако се симнаа од „Мечкин Камен“, откако се изнавикаа, предводени од најголемиот, меѓу нив, бранителот Јанко Бачев, со неговата „Единствена Македонија“, формираа кризен штаб со кој се обврзаа дека ќе ја бранат кутрата Македонија од НАТО и Америка. Лидерите ставија и потписи. А, простете, тешко на таа Македонија што ќе ја бранат демек „прекалени“ борци од кои едвај може да се наполни еден евтобус. Толку се сите или нека ми простат ако се нешто повеќе. Голема сила ќе застане во одбрана на Македонија. Да не бере гајле. Се јавија „јунаци“ кои ќе ја спасат Македонија од „клетите“ предавници СДСМ.

Во кампањата се „заколнаа“, а тоа потписот ги обврзува, дека ќе пропагираат бојкот на Референдумот. Ветуваат дека не се сами. Дека зад нив стои и фракцијата на ВМРО-ДПМНЕ, а и некоја „сила“ однадвор. Дали ќе го спречат Референдумот и дали ќе ја одбранат Македонија и дали народецов македонски ќе застане зад нив или не, за нив се чини не е важно. Важно е дека тие се лидери на партии и невладини организации.

Многу не им е гајле ако не успеат и ако македонскиот народ излезе на Референдум и каже „Да“ за влез во НАТО и ЕУ. Главно тие се лидери. Ако се по број малку, ама се лидери на партии и невладини организации кои се чини начекаа „трло без кучиња“ , па прават што сакаат. Ако успеат, не им гине да бидат херои!

Народот е на потег. Ќе дозволи некој да го брани, некој како овој „кризен штаб“ на чело со Бачев, или пак сам ќе си донесе одлука. Дали да биде и понатаму сам и затворен, од сите страни или пак ќе го избере патот кон Европа. Жртви имало и ќе има. Името велат го менуваме. СДСМ пак, вели Македонија останува. Идентитетот, јазикот, границите, остануваат. Се менува наместо ФИРОМ, односно Република Македонија во иднина да се викаме Република Северна Македонија. И во турско, српско, бугарско, грчко и за време на СФРЈ ни го менуваа името, но секогаш ние останавме Македонци. Такви и за век и веков ќе си останеме. Зашто освен Македонци ние не можеме и не знаеме друго да бидеме. Таков ни е коренот!? А лидери отсекогаш сме имале!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...