Македонијо, мала си, а си била многу богата!?

995

Слушам и не ми се верува. Зошто оваа наша Македонија е доведена до питачки стап. Вистината излезе на виделина. Арамиите украле сѐ од неа. СЈО вели дека нема функционер, раководител, шеф и надшеф и подшев, од претходната влада, што не крадел. Не со исав туку земале и за синови, внуци, па и за правнуци. Земале милиони евра. Патувале каде ќе им текне. Цел свет го обиколија. Правеле невидени софри полни со најразлични специјалитети. Си земале и од најмалиот тендер дел за себе. Си купувале не по еден-два, туку по повеќе станови, луксузни возила, а и куќи како палати имале. И во странски банки си ставале од народните пари, демек, за „црни денови“!

„Око ненаситно“ вели народот. Да токму така. Ја задолжија оваа жална Македонија до гуша, а тие милионери. Баш да им е гајле за народот. Тој нека оди со бугарски пасош по белиот свет за парче леб. Со социјалниот динар, со ниската плата нека врзува ден за ден во месецот. Од државната каса ставале сѐ во сопствениот џеб. Од премиер, министри па сѐ до најниските членови на ВМРО-ДПМНЕ, кој како можел, кој каков услов имал, си земал и колку треба и колку не треба.

СЈО со факти кажува дека за единаесет години вмровците ја „оголиле“ до гола кожа Македонија. Најмногу зеле најголемите. Но, ништо помалку не зеле и оние одма до нив. А народот се крстеше и веруваше во нивната чесност.

По обелодувањето на вистината на народот му стана јасно. Токму тие „водачите“ кои се заколнаа и бакнаа револрвер и кама, не само што го лажеле народот, туку и го краделе. Сега тие докажуваат „чесност“ па во секој миг ја напаѓаат новата Влада дека прави криминали. Дека краде. Демек како они што правеле. Убедуваа референдумот не е добар. Дека Договорот со Грција и промената на името и влезот на Македонија во НАТО и ЕУ не се добри за Македонија. Со тоа „змијата си ги покажа нозете“. А народот им веруваше. Го бојкотираше референдумот. Одеше на протести. Се караше со братот, со таткото со другарот. А тие „водачите“ под „мустаќи“ се смееја и се грееја од украдените милиони народни пари. На многумина „верни“ членови не им се верува. Велат: „Такво нешто не правеле нивните водачи!“. Со фактите од СЈО и со пресудите во судот дали ќе го видат нивното вистинско лице.

Е, мори Македонијо, мала си, а си била многу богата. Во кал си до гуша. И внуците не ќе можат борчот, што како аманет ти го оставија оние на кои им веруваше, не ќе можат да го вратат. И не само што ти оставија долг до гуша, туку за да не го изгубат она што го украдоа, прават сѐ да не ти го покажат патот кон НАТО и ЕУ каде што се најсилните и најбогатите. Сакаат тука заедно со името Македонија да скапете, а тие и понатаму да бидат, како јунакот на Радое Домановиќ, „Слепиот водач“. Да го водат народот, да го лажат, а тој да не знае каде оди.

Забораваат дека Македонецот е домаќин, дека е мудар и дека никој не може да го лаже!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...