Ана Марија Атанасовска, ученичка во СУГС „Раде Јовчевски Корчагин”, која на крајот од мај беше избрана за национален претставник, по победата во финалето на државниот натпревар кој се одржа во Скопје, од светскиот Microsoft Office Specialist натпревар во Њујорк, се врати со освоено второ место и сребрен медал во категоријата Microsoft PowerPoint 2013 со што Македонија го направи најголемиот успех досега на овој престижен светски шампионат.
Натпреварот за Microsoft Office Specialist во нашата држава се одржува веќе четврти пат по ред, додека за Adobe Certified Associate по вторпат.
Идејата на овие натпревари е да се поттикне дигиталната писменост меѓу младите. Организатори на националните натпревари се Certiadria а сите овогодишни настани се спонзорирани и потпомогнати од Стопанска банка, Град Скопје и Семос Едукација.
„Среќна сум и горда на успехот кој го направив за нашата држава и за мене. Успехот од Њујорк е успех за сите и нека претставува еден мотив за сите млади во иднина да земат учество на овој натпревар. Голема благодарност за мојата менторка, за Certiadria, за Семос Едукација, за Стопанска Банка АД Скопје, Град Скопје и за сите кои помогнаа да бидеме дел од овој натпревар” – изјави Ана Марија Атанасовска.
Таа од Њујорк се вратила со голем број контакти и нови пријателства, но на нив и на овој успех, вели, не гледа како на „виза“ за излез од Македонија, односно, барем засега, не планира да ја напушти државата.
Microsoft Office World Championship е најголемиот IT натпревар во светот и вклучува повеќе од 850.000 учесници од цел свет.