Советот на ЕУ да донесе одлука за почнување преговори со тоа што во меѓувреме ќе се воведе нова методологија во преговорите, која ќе ги има предвид постепеноста на процесот и тој ќе биде реверзибилен, нешто на што инстистира Франција и сето тоа да се направи пред првата меѓувладина конференција, која не треба да се одржи подоцна од првата половина на следната година.
Ова е новиот компромис, кој во оперативниот член 13 од драфт-текстот, го предлага финското претседателство со Унијата, а за кој вечерва треба да се расправа на состанокот на вонредниот КОРЕПЕР, кој се одржува на ниво на постојани амбасадори на земјите-членки, пред утрешниот состанок на Советот за општи работи на ниво на шефови на дипломатии во Луксембург.
Целта, како што брифираат извори од Владата, е да се постигне согласност на ниво на амбасадори пред утрешниот состанок на Советот за општи работи, а неизвесноста останува дали Франција ќе го прифати овој компромис. Со тоа би се олеснил целокупниот процес, но сепак постои можноста одлуката да се пренесе на ниво на шефови на дипломатии, па и на ниво на шефови на држави. Одлуката за да добиеме кандидатски статус е донесена на ниво на шефови на држави, потсетуваат од Владата.
Сметаат дека ставот на Франција – прво продлабочување на процесот на преговорите, па проширување не е нов, а сега се прекршува во нашиот случај. Ова е начин Франција да го наметне ова прашање, бидејќи ова не е општо прифатена теза во Унијата, да се менува процесот на проширување и конфигурацијата на институциите и начинот на одлучување.
Немаат информации како поминала вчерашната средба Меркел-Макрон во Париз и дали има промени во ставот на Франција, кој како што нагласуваат ги изненадил и нив, но и другите членки на Унијата.
Велат со другите земји-членки нема ниту една дилема, три четири членки се за одвојување на Албанија, но од Владата брифираат дека кај нас е чисто.
Во изминатите денови се одржаа и други состаноци на КОРЕПЕР, а на последниот состанок три земји Франција, Холандија и Данска се уште немале став и затоа е закажан но за вечерва.
Холандија и Данска, брифираат од Владата имаат позитивен став кон Северна Македонија и се согласни со останатите земји-членки.
Според извори од Владата, ставот на Франција е последица на внатрешно-политичките превирања во Унијата, а не израз на незадоволство од сработеното во земјава. Велат дека официјален Париз нема забелешки во однос на реформите, кои досега се спроведени.
За можноста од евентуално недобивање одлука, велат ќе мора да се менаџираат внатрешните состојби на релација – власт – опозиција и додаваат дека ЕУ не смееме да ја користиме како помагало за решавање на домашните проблеми.
По препорака на ЕК за почнување преговори до Советот, тој носи одлука, го појаснуваат процесот од Владата. Но, прво почнува со расправа во КОВЕБ, каде расправаат претставници на земјите-членки во групата за Западен Балкан, потоа се префрлува на КОРЕПЕР на ниво на постојани амбасадори, потоа на ниво на Совет за општи работи – на ниво на шефови на дипломатии, потоа оди на Европскиот совет, по што шефовите на државите носат одлука за почеток на преговори.
Откако одлуката ќе се донесе на ЕК и се дава мандат да подготви преговарачка рамка. Комисијата подготвува драфт преговарачка рамка за сите поглавја. Се одредува кои бенчмаркови се одредени за отворање на кое поглавје, кои се затворање и се пополнува 35 поглавје, кое е празно, односно е посветено на други прашања. Драфт-верзијата на преговарачката рамка се доставува до земјите-членки, при што секоја од нив може да ги внесе во неа своите позиции.
За очекување е, велат извори од Владата дека Грција во преговарачката рамка ќе го додаде Преспанскиот договор, Бугарија Договорот за добрососедство, некоја друга земја-членка ако има билатерално прашање или која било позиција во однос на земјата ќе го стави.
Потоа таа видеоизменета рамка оди на следниот самит, хипотетички во овој случај на самитот во декември и повторно Советот ја утврдува. Земјата може индиректно да влијае на рамката преку лобирање и има едно обраќање на меѓувладината конференција, каде може да каже став. Првата меѓувладина конференција е меѓу државната делегација , кај нас предводена од политичкиот преговарач и претставниците на сите земји-членки.
Почнува задолжителниот период на објаснувачки скрининг, по одржувањето на Меѓувладината конференција, кој трае околу 12 месеци, по што доаѓа билатералниот скрининг, кој трае исто така околу 12 месеци.
Предност на земјава, како што е што појаснувачкиот скрининг е веќе во тек, почна од јули 2018. Поминати се 31 поглавје, а до декември се очекува да поминат сите.