Македонија со Преспанскиот договор ја привлече „Нешнл географик“

672

Без разлика дали Македонците на крајот ќе го стават „Северна” пред името на нивната земја, неодамнешните вести за овој долготраен спор со Грција го подигнаа профилот на малата балканска нација, пишува во последното издание на „Нешнл географик“ во кое  Македонија ја предлага како една од 28-те дестинации за најдобрите патувања во 2019 година.

„Опкружена од Грција, Бугарија, Србија, Косово и албанија, без излез на море, но е многу богата со планини и езера. Високи врвови, длабоки клисури и водопади ги красат трите национални паркови во земјата: Галичица, Маврово и Пелистер“, пишува во предлогот.

„Нешнл географик“ пишува и дека Охридското Езеро е едно од најстарите и најдлабоките езера во Европа, но и за Пелагонија каде што може да се лета од параглајдерскиот центар Крушево.

-Всушност Македонија беше на нашиот радар во последните неколку години. Секогаш бараме места кои можат да се опишат во суперлатив. Оваа година Македонија ни го привлече вниманието и со дебатата за промена на името. Македонија ја сместивме во категоријата на авантуристички дестинации, иако земјата има многу археолошки, историски и културни богатства, сакавме да ја нагласима нејзината авантуристичка страна,“ вели уредничката на магазинот Национална географија Ејми Алипио  за  Гласот на Америка на македонски.

Македонија на листата на Национална географија за најдобрите патувања во 2019-та година е во друштво на Мексико, Сенегал, Бразил, Нов Зеланд, Колумбија, Швајцарија, Германија и други дестинации.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...