Милиони луѓе ширум светот ќе се обединат во испраќање на заедничка порака за спас на планетата Земја, во сабота на 28 март, кога ќе се одржи глобалната еколошка акција Часот на планетата Земја. Точно во 20:30 часот по локално време во мрак ќе потонат илјадници споменици ширум светот за да предупредат дека климатските промени се случуваат сега и тука, и дека само ние како поединци ја имаме моќта да го промениме тоа.
Во период кога глобалниот биодиверзитет се намалува со невидени и алармантни стапки, додека паралелно на еден милион животински и растителни видови им се заканува целосно исчезнување од лицето на планетата, а Земјата е на чекор од уништување поради глобалното затоплување, сега е повеќе од потребно да се подигне свеста дека природата е фундаменталната основа за здрава планета и непосредно и најмоќно решение за спас од климатските промени.
Часот на планетата Земја и Светскиот фонд за природа (WWF) оваа година ги повикуваат граѓаните да го дадат својот глас за Земјата на интернет платформата „Глас за Земјата“. Овие потписи во текот на годината ќе бидат презентирани на светските лидери и носители на одлуки на глобалните форуми како Генералното собрание на ОН, за да помогнат во креирање на Нов договор за природата и луѓето кој ќе гарантира заштитување на преостаната природа и ќе се обиде да помогне во реставрирање на досега загубеното, а истовремено гарантирајќи ја нашата иднина на оваа планета.
– Глобалната стапка на губење на природата во последните 50 години е од невиден размер во човечката историја и преставува закана за човечките животи и благосостојбата во светот – вели Марко Ламбертини, генералниот директор на Светкиот фонд за природа (WWF). „Природата е бесценет бенефит кој ни обезбедува храна, вода и чист воздух, и е еден од нашите најголеми сојузници во борбата против климатските промени. Затоа е важно да го дадеме нашиот Глас за Земјата, за да ги притиснеме светките лидери да донесат Нов договор за природата и луѓето кој ќе гарантира иднина за сите нас!“