Во Брисел вчера започна историскиот скрининг-процес за пристапување во Европската унија. Скринингот почна со Поглавјето 23 Правосудство и фундаментални права.
Во Европската комисија во Брисел се наоѓа 40-члена делегација составена од експерти од надлежните државни институции кои имаат надлежности во дадената област, предводена од главниот политички преговарач вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, а во нејзиниот состав се и министерката за правда Рената Дескоска, главниот технички преговарач Бојан Маричиќ и експерти од Секретаријатот за европски прашања.
– Ова е историски момент за нашата земја, и за мене вистинска чест како главен преговарач, да го одбележам почетокот на скрининг процесот, како финална етапа во подготовката за преговори за полноправно членство во Европската унија – истакна вицепремиерот Османи на формалното означување на стартот на подготвителната работа за преговори за членство помеѓу Македонија и ЕУ.
Според него, европската и евроатлантската ориентација на земјата претставува точката на обединување на нашето општество уште од самата независност, а во процесот на приближување кон ЕУ, неповратно се вградени сите претходни влади, пренесувајќи ги интересите на земјата на своите наследници, кои продолжуваат онаму каде нивните претходници застанале.
Потсети дека административната структура, успешно ги имплементираше обврските кои произлегуваат од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, а се потготвува и за процесот на преговори.
Османи ги претстави трите траектории по кои Владата, но и целата држава ќе се движат во рамките на евроинтегративните процеси.
– Државата паралелно ќе се посвети на имплементација на договорите за добрососедство со Бугарија и Грција, ќе го задржи реформскиот моментум за исполнување на забелешките и насоките на заклучоците од јунските совети, како и цврсти и бескомромисно ќе влезе во исполнување на обврските од објаснувачкиот скрининг, подготвувајќи се со тоа, на сите три полиња паралелно, за почеток на преговорите во јуни следната година – истакна Османи, посочувајќи на историскиот момент за одлука „шанса која оваа генерација не смее да ја пропушти“.
Државниот советник за европски прашања и шеф на кабинетот на вицепремиерот Османи, изјави претходно за МИА дека почнуваме маратон кој ќе трае подолг временски период, чија должина ќе зависи пред се од нас самите и од нашата подготвеност за промени и длабоки реформи.
Тој појаснува оти скринингот е детален аналитички преглед на Европското законодавство во сите 33 поглавја во кои е групирано целокупното Acquis Communautaire (целокупното европско закондавство, што ги вклучува основачките акти на ЕУ, како и сите регулативи, директиви, одлуки, правна практика, но и меѓународните акти кон кои пристапила ЕУ во рамките на ОН, Советот на Европа…).
– Аналитичкиот преглед за сите 33 поглавја ќе трае една година, до следниот септември, по што ќе следува продолжување на билатералниот скрининг и подготовката на скрининг-извештаите што ќе ги подготови Европската комисија, а ќе ги одобрат земјите членки на ЕУ низ пропишана процедура – рече Тилев за МИА.
Во овој период вкупно над илјада експерти ќе учествуваат на 33 објаснувачки сесии на аналитичкиот преглед на европското законодавство кои вкупно ќе траат околу 70 работни денови.
Министерката за правда Рената Дескоска, на првиот ден од подготвителниот скрининг со ЕУ порача дека министерството размислува за можно зголемување на средствата за судиите и судството, но дека истовремено постои проблем со постоечки неискористени средства наменети за судовите, јави дописничката на МИА во Брисел.
Ова поглавје е едно од најтешките, ако не и најтешкото, вели министерката.
Според новата преговарачка методологија на Европската унија, поглавјето 23 заедно со 24 за правдата и безбедност, први се отвораат и последните се затвораат, оставајќи и на ЕУ можност во текот на целиот процес да бара дополнителни напори од земјата кандидат за членство.
Во овој дел опфатени се реформите за судството, јавното обвинителство, начинот на управување со предметите, одговорност на судии и обвинители, судскиот совет, совет на јавни обвинители, борбата против корупцијата, објасни Дескоска.
Скринингот трае околу една година и се спроведува врз основа на изготвен распоред од страна на Комисијата. По извршениот скрининг на соодветното поглавје, Советот одлучува за почнување на преговорите, по препорака на Комисијата.
За два месеца, во текот на ноември, треба да се одржи вториот состанок, овојпат посветен на поглавјето 24 наречен „правда, слобода и безбедност“.
Според новата методологија на преговори со ЕУ, воведена по последниот бран проширување, сите нови земји кандидати задолжително започнуваат со овие две поглавја, клучни за консолидирање на владеењето на правото, човековите права и правдата.
Македонија од 2005 година е кандидатка за членство во ЕУ.
Во 2009 година, по неколку продлабочени реформи во клучните области, ја доби првпат и препораката на Европската комисија, паралелно и со либерализираниот визен режим. Oттогаш наваму девет пати по ред, заклучно и со оваа препорака во 2018 година, ЕК препорачува Македонија да ги почне пристапните преговори, но од познати политички причини досега тоа не се случи.
Европската комисија во извештајот за земјава на 17 април годинава препорача Македонија да ги почне преговорите со ЕУ.
Европскиот совет на 26 јуни годинава ја поддржа одлуката за условно отворање на преговорите со Македонија, што треба да почнат во јуни 2019 година. Тоа ќе зависи од исполнување четири услови – спроведување на итните реформски приоритети, спроведување на договорот за името, позитивен извештај на Европската комисија и одлука на Советот на ЕУ.
Доколку се исполнат условите, првата меѓувладина конференција би почнала пред крајот на 2019 година.