Македонија од ПАПОК во ШУПАК на светот?!

Ќе нема книги за македонскиот ШУПАК на светот, како заеднички дострел на новите „цивилизациски, хумани и праведни“ принципи, далеку на маргините на новата Интернет-револуција!

1754

Секоја нова револуција носи нова прераспределба на богатствата на светот, а со нив, и нови шанси за просперитет на народите! При последната, третата, од почетокот на 19 век, Европа и САД, речиси од дното на остварениот БДП се лансираа на врвот, преземајќи им го приматот на Кина и Индија! Сега настапува четвртата, онаа Интернет-револуцијата! Водечките корпорации го преземаат водството за организирање на најголемиот дел функции во општествениот и во личниот живот! Најорганизираните, без сомнение, се тие што со новата распределба на богатствата, ќе си обезбедат и најдобри услови за натамошен просперитет!

Секоја нова технолошка револуција, по правило, носи со себе укинување на постојни и отворање нови работни места! Од кредибилни институции, се предвидува дека за 15 години 50 отсто од постојните занимања ќе ги снема, но(!) и за исто толку ќе се појават нови. Технологијата граби со недофатна геометриска прогресија. Само еден банален пример: поради самовозечките возила, „возач“ ќе биде заборавено занимање! Затоа, сериозни држави, сериозно се занимаваат со оваа појава. Предничат поранешните советски т.н. балтички (Естонија…), скандинавските, некои азиски итн.

Каде е Македонија во оваа приказна?! Има ли Македонија визија за илјадниците млади, потиснати од секојдневните грижи за опстанок, при осиромашеното образование, без воспитување, со низок степен на функционална писменост, а сепак – докажан расадник на многубројни талентирани млади и заминати по белиот свет и таму докажани, потврдени и признати? Нема!

Македонија со децении се гуши во лавиринтите на своите корумпирани, неписмени, кусогледи, лакоми и дегенерирани власти; Македонија не мисли, ниту има простор да размислува за својот просперитет како рамноправна членка на светската заедница на народите, зашто е исправена пред зададената обврска за себеуништување; Македонија нема право да има историја, наука, култура, зашто тие само ќе го потврдат нејзиното неприкосновено постоење. Но затоа, Македонија, со сесрдна помош однадвор и однатре, раскошно ќе ви се докаже:

– Во тоните ѓубре по улиците, опасен отпад на депонии на секој чекор, иако стотици „експерти“ седат во Министерството за екологија…

– Низ ходниците на ХРАМОТ на правото и правдата (Министерството за правда!), ако од немајкаде сте принудени да влезете и да побарате, на пример, извод за матичната книга на умрени, па ќе наидете на „лешинари“ кои неовластени, диво и единствени делат обрасци за пополнување за 100 денари, секако без фискална, за тие да ви го пополнат, третирајќи ве за неандерталец…

– Низ илјадниците партиски Муртовци што чекаат да седнат на местата на конзервираните други партиски Куртовци, иако стручноста и компетентноста се уставно гарантирани, при сите министерства и агенции за државни службеници…

– Низ непочитта, исмевањето и поништувањето на скапоценото национално чувство и највредното фолклорно/културно богатство и традиција, најмногу од оние што се надлежни за нивно негување, заштита и чување…

– Во наметнатиот единствен стил за преживување, опстанок и владеење на неспособните – подаништво, демагогија, лажење, подлизување, кодошење, обезличување, виткање „кичма“… затоа што власта може само со таква сорта некако да се одржува и зашто и самата таа, поради практикување таков начин, е поддржана да дојде и да остане на власт од светските хегемони…

– Во невкус, шунд и кич, во скороевиќко луксузирање со народни пари на сите нивоа на организирање на власта и општеството…

– Во лицемерието на Црквата, особено на научните и уметнички институции…

И така… едно време учевме, читавме и бевме горди на убавините и уникатноста на Македонија, како ПАПОК на светот. На убав македонски јазик читавме книги и со убави илустрации, во боја, на убава сјајна хартија, прекрасни монографии, се надевавме, верувавме… Но, ете, дозволивме, наскоро повеќе и да нема КОЈ да чита, да ни го снема ЈАЗИКОТ на којшто ќе се чита, да нема ниту ШТО да се чита, да исчезнуваат вербата и надежта во македонската иднина! Да, ќе нема книги за македонскиот ШУПАК на светот, како заеднички дострел на новите „цивилизациски, хумани и праведни“ принципи, далеку на маргините на новата Интернет-револуција!

Од Олгица Никола Трајковска, работник во културата

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...