Македонија нема да ѝ биде ВМРО на Европа!

Со секое пробивање на јануарско-февруарските рокови за финализација на Договорот од Преспа и двете држави, а посебно Македонија, ризикуваат да влезат во политички и геополитички контексти што се понеповолни. Затоа радува изјавата на Заев за забрзување на процедурите и за завршување на нашиот дел од работата пред 15 јануари.

1412

Македонија не смее да се однесува кон светот како што ВМРО-ДПМНЕ се однесува кон Македонија. Тоа значи дека мора да го следи ритамот на светот, процесите, тенденциите, настаните. Да не ги испуштаме моментите што историјата ни ги дава на располагање. Да ги респектираме правилата што се во функција, како добро воспитани и културни субјекти. Со свест за тоа дека е глупаво и опасно да живееме во илузијата дека самите можеме да си ја свириме свирката и да очекуваме дека светот ќе ни лепи пари по мрсните чела и во карнерите на нашите хармоники.

Да не зборуваме пред светот како што Ѓорге Иванов зборува во Собранието на Северна Македонија. Или во Генералното собрание на Обединетите нации. И кај ќе стигне. Претставувајќи се самиот себе како будала, а за оние што функцијата му ја респектираат во нејзината формалност, претставувајќи не сите како будали.

Америка против Трамп  


На едно, би рекол, општо ниво, светот можеби не е во бескрајните Хакслиеви редови на униформирани момчиња, со сите бои на кожата, кои послушно чекорат кон заедничкиот гроб, но е многу блиску до една таква формација.

Не само поради климатските промени, туку и поради геополитичките и културолошки промени, поради важни и неповолни промени во свеста и во ориентацијата, во вредносниот систем на луѓето.

Со големо нетрпение и тревога ќе чекаме да видиме дали Америка ќе се справи со својот претседател пред тој да се справи со безбедносната, солидарна, сојузничка, трговска и цивилизациска архитектура на светот. Тоа ќе зависи од резултатите на истрагата на специјалниот обвинител Роберт Милер, за врските на претседателската кампања на Доналд Трамп со руските тајни служби, но и од напорите кои се прават во Републиканската партија да го соочат со предизборни процеси во самата партија пред изборите во 2020.

По колумната на Мит Ромни во „Вашингтон пост“, во која тој заклучува дека делувањето на претседателот Доналд Трамп во последните две години е недвосмислен доказ дека претседателот не е дораснат на барањата на функцијата, шансите за таков развој на настаните се зголемени.

На другата страна, јасно е дека руската империја е во напредната фаза на распаѓање и дека многу потези кои ги влече Москва говорат во прилог на тоа дека во Кремљ би биле задоволни во таа пропаст да го вовлечат и целиот свет. Каква смисла има светот без Русија!? Еднодимнзионално општество на несреќни луѓе, без вредносни системи надвор од империјалноста како таква, пропаѓа ширејќи се територијално во една тотална бесмисла и ширејќи дестабилизирачки процеси секаде низ светот, од САД преку Велика Британија и Франција до Македонија. При што нестабилноста, хаосот, односно злото и пропаста, се единствена цел зад која нема никакви виши идеали или претензии. Нема никакви назнаки дека таа политика ќе биде коригирана во 2019 година.

Во мај се избори за Европскиот парламент. Многу важни избори. На кои ќе се случи можеби и епска пресметка меѓу структурите кои ја изградија Европа и Европската унија како врв на цивилизацискиот исчекор на Стариот континент и концептите на популистите, националистите, фашистите, на демагозите и екстремистите и од лево и од десно во кои, освен сигурен хаос и војна, кои ќе ја уништат Европа, нема апсолутно ништо. Нема никакво сомневање дека Москва и Трамп, односно Банон, ќе го помагаат растурањето на Европската унија на бранот на антиимигрантската и антидемократска политика. Од друга страна, има знаци кои покажуваат дека Европејците почнуваат да ја препознаваат таа опасност и дека нема да дозволат незадоволството од етаблираните партии да го преточат во победа на лудаците. Сите уверувања се дека центристичките сили ќе ја задржат доминацијата.

Избори и рокови

Темата за Брегзитот останува актуелна и под претседателството на Романија. Се уште нема потврда на договорот од страна на британскиот парламент. Ситуацијата е многу компликувана.

Многу важен ќе биде и изборот на нови челници на европските институции. И персонално и во смисла на политичката и доктринарна ориентација на луѓето. Исто така, многу важни и тешки ќе бидат преговорите за идниот повеќегодишен финансиски план за периодот по 2020.

На Балканот почнува кампањата за претседателските избори во Хрватска, Вучиќ се заканува со нови избори во Србија, следат, за нас многу важните, избори во Грција.
Листајќи го овој преглед наидов на писмото на Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО, во кое тој инсистира Грција и Македонија да ги финализираат работите околу Преспанскиот договор до 15 февруари 2019 година. Од наведеното на почетокот е јасно зошто се инсистира на тоа забрзување. Со секое пробивање на тој датум и двете држави, а посебно Македонија, ризикуваат да влезат во политички и геополитички контексти што се понеповолни. А успехот на тој Договор може макар малку да ги поправи тие контексти, да го донесе благото ветре на оптимизмот, од европскиот југ, кон центарот на континентот.

Во таа смисла ме израдува ставот на Заев, кој изјави дека нема да се чека февруари, туку дека на 9 јануари ќе почне собраниската седница за уставните амандмани која според неговата процена ќе заврши за два-три дена, што значи дека Македонија би можела својот дел од работата да го заврши до 15 јануари. Ако собере 80 пратеници. Јас верувам дека ќе има и повеќе. И овие што се против Договорот треба да гласаат „за“ затоа што негативниот глас ќе ги исклучи од политичкиот процес на подолг рок. По што би следело брзо изјаснување во грчкиот парламент и потоа ратификација на договорот за членство во НАТО.

Имаме шанси за убав почеток во 2019. А тоа значи и во наредните децении.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...