Македонија на 12 место од позади на тестирањето ПИСА, Адеми среќен

Министерот за образование вели дека напредокот  е во тоа што во сите три категории на листата Северна Македонија има високи скокови во остварените резултати, споредено со претходното ПИСА-тестирање во кое учествувала

140

На меѓународното тестирање ПИСА во 2018 постигнавме најдобри резултати досега, значително подобри од претходните две тестирања на нашите ученици, во 2000 и во 2015 година, изјави попладнево министерот за образование и наука Арбер Адеми откако Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) денеска ги објави резултатите од тестирањето во 79 земји или економии.

Тестирањето е наменето за ученици на возраст од 15 години и опфаќа проверка во три категории – читање со разбирање, во која сме рангирани на 66 место, математика – каде што сме на 67 место и природни науки – каде што земјава на листата на ОЕЦД е на 62 место.

Министерот на прес-конференција рече дека напредокот  е во тоа што во сите три категории на листата Северна Македонија има високи скокови во остварените резултати, споредено со претходното ПИСА-тестирање во кое учествувала.

Меѓу сите земји на листата, нашата постигнала  највисок скок во резултатите по читање, 41 поен погоре на листата одошто на минатото тестирање, односно 393 поени во 2018 наспроти 352 поени во 2015 година. Со 29 поени повеќе земјава е на второ место по скок на резултатите во природни науки, 413 поени во 2018 за разлика од 384 во 2015, а во математика Северна Македонија е на трето место по скок во резултатите, 394 поени во 2018  што е за 23 повеќе од 371 поен во 2015 година.

Во 2015 година земјава беше рангирана на 68 место по математика, а на 69 по читање и природни науки. Притоа министерот напомна дека во 2015-та во конкуренција биле 72, а минатата година 79 земји.

Според него, подобрувањето се должи на новите образовни политики, инклузивниот пристап, подобрените наставни содржини. Во однос на тоа што земјите во соседството (освен Косово) се пред нас на листата, рече дека е најважно што не сме на дното и дека скокот е показател дека земјава е на вистинскиот пат.

-Не можеме прекуноќ за три години да бидеме меѓу првите десет земји на ранг-листата, но најголемиот скок на подобрување е одличен показател дека сме на прав пат. Сега не сме на четвртото место од долу на табелата, туку повисоко. Тоа нè радува и ќе нè мотивира за следното ПИСА-тестирање во 2021 година, на кое ќе му претходи пробно во 2020, рече Адеми.

На прашањето дали учениците сериозно го сфатиле тестирањето и дали предавале празни тестови, министерот одговори дека сите тестови биле пополнети. Рече и дека дополнително ќе бидат анализирани тестовите за да се добијат повеќе податоци за училишта и средини од кои доаѓаат учениците.

ПИСА тестирањето во април 2018 година го спроведе Државниот испитен центар и опфати 5569 ученици на 15-годишна возраст на македонски и на албански јазик од сите средни училишта.

Вкупно, тестирањето опфати 600.000 ученици кои ги претставуваа 32 милиони 15-годишници од 79-те земји што учествувале во ПИСА – најголемо меѓународно истражување во образованието.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...