Министерството за одбрана на Република Македонија и Соединетите Американски Држави започнаа со размена на најдобри практики во доменот на сајбер безбедноста и изградбата на одбранбени капацитети во оваа област. Целта е да се зголеми интероперабилноста и да се спречи негативното влијание врз демократските процеси на двете земји, соопштуваат од Одделението за медиа и мултимедијална работа на Министерството за одбрана.
-Според новиот Стратешки одбранбен преглед на Министерството за одбрана, сајбер просторот станува цел на растечки закани во светот, но и кај нас. Согласно овој стратешки документ неопходно е Република Македонија да развие сопствени капацитети со кои ќе се справува со ваквите закани, ќе ги открива и навреме ќе ги спречува-се наведува во соопштението.
Оттаму додаваат дека одбранбената соработка меѓу Република Македонија и САД била дел од неодамна објавената стратегија на САД за сајбер одбраната, која предвидува соработка со сојузниците и партнерите, со цел размена на информации и јакнење на капацитетите во оваа област.