Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас порача дека дискусиите во ЕУ се водат помеѓу земјите кои сакаат старт на преговори со Македонија до летото 2019 и оние кои сакаат тоа да биде уште подоцна.
– Денеска дискутиравме за проширувањето на Европската унија, и постоеја две различни линии. Од една страна мнозинството од 25 земји кои сакаат и прифаќаат да почнат преговорите до летото 2019 за Северна Македонија и Албанија и од друга страна Данска, Франција и Холандија кои сакаат да го одложат тоа. На многу јасен начин објаснив дека геополитичката и геостратешката политика во регионот, бара помош кон овие земји, а не одложување. Објаснив дека внатрешната ситуација во овие две земји, бара стабилност и безбедност, а не создавање нови проблеми. На крај, се наоѓаме во еден компромис што ќе предвидува дека ќе може да започне отворањето поглавја до летото 2019, односно нешто што е многу важно за нас, со актуелната комисија која многу добро ја знае и ситуацијата и проблемите – рече Коѕијас во Луксембург.
Преговорите за Македонија и Албанија се заглавени, откако земјите членки не успеаја да постигнат компромис утрово, одлучија да преминат на други преговори поврзани за претстојниот Самит, но со можност да се навратат на темата подоцна денеска.
Холандија и Франција, како и Данска, упорно блокираат преговори за Македонија и Албанија пред изборите за Европскиот парламент кои треба да се одржат на лето 2019, од страв таа одлука да не предизвика подем на екстремната десница во нивните земји.
Нејасно е како ќе се излезе од несогласувањата бидејќи мнозинството земји членки сметаат дека Македонија и Албанија треба да бидат наградени за реформските напори, а особено Македонија за Договорот со Грција.
Не се исклучува ниедна варијанта во овој момент: условено започнување преговори, одложување на одлуката или сепак почеток на процес на скрининг во наредните недели или месеци, што би им овозможило на Французите да ја „продадат“ таа одлука на својата јавност која не е запознаена со финесите на преговарачките процеси во ЕУ, а поглавјата да почнат да се отвораат подоцна.
Многу е веројатно министрите да не постигнат договор за Македонија и прашањето да се префрли на лидерите на ЕУ во четврток.