Се разбира дека целата оваа предизборна претседателска бру-ха-хаа, целата врева и пропагандни таламбаси стануваат здодевни и непријатни уште пред кампањата официјално и да започне. Сите позиции на кандидатите и нивните партиски покровители уште сега се кристално јасни. Би можеле да гласаме веќе следниот викенд.
Знаеме кој што мисли за Преспанскиот договор (СДСМ го направи; ВМРО-ДПМНЕ е жестоко против); знаеме кој што мисли за СЈО (и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ го создадоа, сега ВМРО би сакале да се укине, но не пред тие нему да му судат); знаеме кој што мисли за 27 април (СДСМ беа тепани; ВМРО вели заслуживте); знаеме кој што мисли за пресудите за 27 април (СДСМ вели правдата е испорачана; ВМРО вели патриотите се жртви на драконски политички прогон); знаеме и кој што мисли за сите актуелни прашања од економијата, социјалата, загадувањето на воздухот, за странските инвестиции, за притворите, за вложувањата во фотоволтаици или за прскањето против комарци…
Знаеме сè! … Освен како побегна Груевски.
Знаеме и какви се ставовите на ЕУ и НАТО за повеќето од важните прашања: објективно, Заев е, барем привремено, новата ѕвезда на балканското облачно небо; Мицкоски го „рибаат“ каде и да се појави. И едниот и другиот од тоа прават политички капитал што го нудат на своите постојни и потенцијални поддржувачи, првиот како гаранција за подоброто утре со „живот за сите“, вториот како доказ за пониженоста и предавството кон македонската нација, за која живот со Заев нема да има. Дијаметрално спротивни приказни.
Нема во тие нивни позиции ништо да се промени до гласањето не за четири недели, туку ни за четири светлосни години. Кој сака да гледа напред, ќе гледа напред; кој сака да се врати минатото, ќе гледа назад.
Еве, дури имавме и доволно време да размислиме дали би гласале за кандидат кој во животот дотуркал до таму и денеска да поседува југо како превозно средство; или за кандидатка чии деца имаат професионални биографии што не навестуваат дека ќе ја надминат нејзината. И што? Сите знаат дека на гласање нема да се оди заради нив, туку заради политичките наративи кои стојат зад кандидатите.
А и нашите претседателски кандидати не се аутсајдери од политиката по ниту една основа, туку напротив. Чудно е како во Македонија не може да помине некој Трамп или Макрон на претседателски избори, некој што ќе се појави „од никаде“, што ќе вети промени, дека ќе го „исуши мочуриштето“ или што, ви силен налет, ќе ги растури традиционалните партии во парам-парче. Ние сме првата нација во пост-индустрискиот свет која сфатила дека колку работите повеќе се менуваат, толку повеќе остануваат исти. Овде уште Тито ни е „златниот стандард“ за претседател.
Некој деновиве ме потсети дека холивудскиот Бетмен беше во право: Не добиваме лидери какви што ни требаат, туку какви што ги заслужуваме.
Извор: Цивил медиа