Македонија е деветта најтужена земја пред Европскиот суд

201
ФОТО: EPA / PATRICK SEEGER

Северна Македонија е на деветто место според поднесени апликации во 2018 година до Европскиот суд за човекови права од 47 држави членки на Советот на Европа. До крајот на минатата година против нашата држава биле поднесени 370 апликации пред ЕСЧП, а во постапка останале распоредени 339 апликации, од кои 234 за Судот има добро воспоставена пракса односно за правни прашања за кои Судот веќе донел одлуки. Во 2018 година 239 апликации биле прогласени за недопуштени односно судот не ги прифатил најчесто поради неисполнување на некои определни формални претпоставки.

Ова пред Постојната анкетна комисија за заштита на правата и слободата на граѓанинот во Собранието денеска го истакна в.д. директорката на Бирото за застапување на РСМ пред ЕСЧП Даница Џонова презентирајќи го годишните извештаи за работата на Бирото и на Меѓуресорската комисија за извршување на одлуките ЕСЧП за 2018 година.

Против нашата државата ЕСЧП лани донел 12 пресуди за 15 предмети. Државата по основ на изгубени предмети за минатата година треба или платила оштета на свои граѓани од 124.900 евра што претставува зголемување во однос на претходните две години, а овие средства се очекува да се зголемат имајќи предвид дека постапките за апликации од 2018 се се уште во тек.

Во извештајот на Бирото се забележува дека високиот број поднесени апликации против државата може да се толкува како показател за постоење висока перцепција за неповолни состојби во државата кога станува збор за почитувањето на човековите права и ЕСЧП.

Џонова, која пред пратениците, презентираше неколку поспецифични апликации и одлуки од минатата година, побара од нив измени на Кривичниот законик и на Законот за кривична постапка, но исто така и Собранието да распише оглас за избор на невладини организации кои со Народниот правобранител за надзор на полицицијата, а сето ова имајќи ги предвид бројот на апликации кои се однесуваат на притворот.

Лани првпат ЕСЧП донел пресуда во случај против Македонија за слобода на движење. Во пресудата во случајот Љатифи против Македонија, Судот првпат во предмет против државата разгледувал жалбени наводи што се однесуваа на слобода на движење, констатирајќи повреда на член 1 од Протоколот број 7 кон Конвенцијата.

Пратеникот Панчо Минов смета дека, како што рече, ние посериозно треба да се позанимаваме со притворот, но и со причините за предметите што се однесуваат на сопственоста односно денационализацијата. Минов вели дека граѓаните не се информирани и не се едуцирани за тоа како можат да поднесуваат апликации пред Европскиот суд за човекови права.

Снежана Калеска Ванчева вели дека бројот на предмети класифицирани како добро воспоставена пракса алармира дека ние или не сакаме или немаме волја да научиме од ЕСЧП. Што се однесува до членот 5, односно за предметите поврзани со притворот, според неа, не е проблем Кривичниот законик туку судската пракса.

– Зошто нема доволно образложение кај некои решенија за притвор? Притворот треба да биде последна мерка – рече таа.

Претседателот на Комисијата за антидискриминација Александар Даштевски, чиј Годишен извештај исто така денеска беше пред пратениците, рече дека дошол на покана на Собрание иако во тек е избор на нови членови на Комисијата врз основа на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација од 22 мај оваа година. Даштевски кажа дека лани до нив имало 132 претставки што повеќе од двојно во споредба со првите години од функционирањето на Комисијата, и оти од 119 разгледани случаи во 19 е утврдена дискриминација. Претставките биле по повеќе основи.

ФОТО: EPA / PATRICK SEEGER

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...