Македонија ги менува имињата, но убавината и вкусовите никогаш

Осврнувајќи се на природните убавини и богатството што го има Македонија, авторката препорачува да се посетат Матка, Маврово, Јанче, манастирот „Св. Јован Бигорски“,...

203

„Македонија ги менува имињата, но убавината и вкусовите никогаш“, е насловот на написот што го објави вчера „Gastronaut.hr“, најголемата хрватска веб база на ресторани и рецепти.

Во текстот, чиј автор е Карин Мимица, професор и уредник на „Gastronaut.hr“, фокусот е ставен на нашето историско наследство и гастро-културата.

– Македонија, земјата на сонцето, природата, планините, кањоните и езерата, земјата богата со историско наследство од антиката, преку Византија и Отоманската империја до спомениците со понов датум. Од неа не делат час и 15 минути, доколку патувате со авион до Скопје, а повратниот билет чини околу 100 евра, или поголем број часови возење во еден ден, пишува Мимица.

Поранешната југословенска република Македонија наскоро и официјално ќе го смени името во Република Северна Македонија за да не ја мешаат со грчката покраина Македонија, додава Мимица. Името се менува, убавината и вкусовите остануваат исти, а понудата на активности се повеќе се прилагодува на барањата на современите туристи.

Според Мимица, Скопје и Охрид се перјаницата на македонскиот туризам чиј главен адут е гостопримливоста, длабоко всадена во карактерот на населението.

Осврнувајќи се на природните убавини и богатството што го има Македонија, авторката препорачува да се посетат Матка, Маврово, Јанче, манастирот „Св. Јован Бигорски“,…

Мимица детално го пренесува и впечатокот од нашата гастрономска култура.

– Оброкот во Македонија редовно почнува со македонско мезе – низа мали традиционални јадења меѓу кои ајвар, пинџур, макало, сирење, големи македонски маслинки и шопска салата. Како аперитив се пие „мастика“ или „жолта“. Иако Македонците се горди на своите вина, ракија обично се пие и со предјадењето, се до главното јадење, пишува Мимица.

Целиот текст може да се прочита на интернет страницата www.gastronaut.hr/

Карин Мимица беше дел од тимот новинари од регионот кои минатата недела ја посетија Македонија. Престојот во земјава го овозможи Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ).

Новинарите најпрво пристигнаа во Скопје, каде ги посетија Старата Чаршија, Старата железничка станица, Спомен куќата на Мајка Тереза, црквите „Св. Спас“ и „Св. Димитрија“, плоштадот „Македонија“, Калето, Матка и Пантелејмон, а потоа на агендата беа Маврово и Дебар со манастирите „Јован Бигорски“ и „Рајчица“, како и Охрид, Битола и винскиот регион на Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...