Деновиве слушам неверојатни теории на заговор што се шират според принципот кој кај ќе стигне во реалниот и виртуелниот простор за комуницирање, а главно потекнуваат од порадикалните кругови на бојкотирачките инспирации во врска со референдумот.
На пример, една од овие конспиративни измислици е дека идејата на Западот и на НАТО, со приемот на Македонија во оваа воена алијанса, е потоа, по мирен пат (?!), да се создаде „Голема Албанија“ преку, за почеток, конфедерација, а потоа и федерација меѓу Албанија, Македонија и Косово! Оваа теорија-во-една-реченица остава на фантазијата на политиколозите во локалните обложувалници и пред маалските гранапчиња, со пивце в рака, да објаснуваат што ќе се случи со етничките северно-Македонци во таквиот западно-албански, антимакедонски комплот… Чаре? Нормално, наместо со Албанците, федерално да се споиме со Србија, помогнати од Русите, како единствен спас од големоалбанските апетити.
Една друга ингениозна теорија вели дека со членството на Македонија во НАТО и ЕУ, Западот, всушност, става дефинитивна рампа на силниот пробив на Кина на европскиот континент, бидејќи единствената можна свилено-патна рута на Кинезите за освојувањето на Европа мора да помине низ библиската земја Македонија! Вака, со Македонија во НАТО – остана Кина отсечена од европскиот континент, што ќе биде локален почеток на нејзиниот глобален крај.
Има и такви кои тврдат дека, со формалното влегување на Македонците под западниот политички, економски и безбедносен „чадор“, на Криволак ќе се тренираат западни „терористи“ за дестабилизирање и рушење режими низ целиот свет, што од нас ќе создаде воен полигон за вежбање на западните (всушност, се мисли на американските) воени ресурси за насилно владеење со светот. Оваа теорија, дополнително, разви и нуклеарни анекси на заговорот, оти географски сме како создадени за експерименти со ураниумски збогатените оружја.
Се разбира, во секоја варијанта, овде ќе се отворат големи бегалски кампови за муслиманите од арапскиот и африканскиот свет. А Гугл, секако, ако помине Преспанскиот договор, ќе ја избрише опцијата за македонски јазик од своите интернет пребарувачи!
И така натаму… Значи, успее ли референдумот, како и да го свртиш, со извинение, наебавме!
Всушност, не е работата во тоа да се докажува дали се и колку бесмислени сите овие поединечни теории на заговор. Вистинскиот проблем настанува ако се согласите дека сите овие конспиративни сценарија се точни?! Бидејќи, нема начин како да се спречи избувнувањето на Третата светска војна токму во Македонија ако овде се судрат руско-кинеско-западно-муслиманските стратегиски интереси, застапувани од анти-референдумските заговорници.
Како што е познато, конспиративните теории се темелат врз три базични претпоставки: ништо не е случајно; ништо не е како што изгледа дека е; и сè е поврзано! Плус, овие теории се потпираат врз длабоки предубедувања, слични на религиозните догми, за чие разбивање докази не помагаат.
Така, на пример: не може да е случајно што во истата недела кога САД воведуваат засилени трговски бариери за кинеските производи на американскиот пазар, токму министерот за одбрана на САД е во посета на Македонија каде тврди дека сме изложени на агресивна руска закана за наше интегрирање во НАТО, баш во моментот кога сириските противвоздушни ракетни системи, изманипулирани од израелските авиони, соборија сојузничко руско шпионско летало над Идлиб!… Плус што знаеме и тоа дека Земјата е рамна и дека освојувањето на Месечината е само еден лош холивудски проект! Заклучок: „Голема Албанија“ ќе го попречи „Патот на свилата“ со тоа што на Криволак ќе се отворат огромни бегалски кампови за тренинг на муслимански терористи кои имаат за задача да ги сотрат Словените на Балканот! … Што, да не не!?
Сакам да кажам, ако имате гасена вар во главата, џабе сите најпријателски и најдобронамерни совети и пораки што светската политичка елита, со голема симпатија и грижа кон Македонија, деновиве ги „истура“ во неограничени количества пред македонската јавност апелирајќи на здравиот разум на граѓанството… Всушност, ако имате креч во главата, целата таа елита, имено, е дел од заговорот против Македонија! Тонч!
Извор: Civil media