Македонија во сеопшта културна криза

905

Премногу состојби од нашето жалосно и трагично секојдневие говорат дека Македонија и понатаму не ги разбира своите приоритети како европска држава, како дел од Западниот свет, со аспирации да стане членка на ЕУ.

Растечката омраза и насилство во општеството, родовото насилство, отсуството на правда, митоманските и ревизионистички тенденции, функционалната неписменост кај голем дел од најмладите, иселувањето на најмладите, заостанатите логики на постарите, сево ова говори дека Македонија се наоѓа пред сеопшта културна криза, која потекнува од недоволно образование, учење, ширење на хоризонтите, развивање идеи, развивање форми на толеранција (не во верска и традиционална смисла) кои би ја намалиле растечката тензија и омраза во општеството.

На пример, последните случувања со „Јавна соба“ говорат дека и државата и системот потфрлуваат. Возрасни и помлади луѓе не разбираат дека учестувувале во родово насилство и омаловажување, да не зборуваме за примесите на педофилија и порнографија. Што ќе рече, за постарите мора да има правна казна, за жртвите правна сатисфакција, а за најмладите и за целото општество, дополнително образование.

Истото важи за серија други прашања од кои потоа произлегува општествената омраза.

На пример, учењето Историја не е повеќе само должност за учениците, туку се наметнува како право со цел да имаме свесно граѓанство. Не може и понатаму нашата држава да се труе со митомански конструкти, со легенди и митови, со обиди за ревизија на нашата државност, но и општо со неразбирање на историските текови и процеси кои потоа стануваат мотив за неразбирање на актуелните времиња и односи и се извор на омраза.

Значи ако се грижиме за приоритетите, тогаш мораме да се грижиме за образованието и таму да направиме темелни промени и инвестиции.

Јас би додал дека од најмали години треба да се изучува и Филозофија, со цел најмладите да разберат дека мислечкиот процес е комплексен и контрадикторен, но дека може да постои логика и систем и кохерентност, како што и може да не постои. Со други зборови, да им се рашират хоризонтите.

Што се однесува до постарите, нема пак да ги внесеме во образовниот систем. Но, треба да се создадат комисии кои ќе развиваат кампањи, содржини, тематики кои ќе се адресираат, нагласуваат, промовираат, дебатираат, каде луѓето ќе се инволвираат, каде родителите на родителски ќе се запознаваат со промените.

Вака заглавени во калта, мислејќи дека проблемите ќе ги решиме со селективни и партиски акции против лажните вести, не правиме ништо. Тоа е магла, димна завеса која не помага, туку одмага.

Сакате сериозно решавање на проблемите, и тоа можеби за некоја година од сега, сакате помирување? Е па тогаш направете нешто сериозно. Работите треба да се адресираат во корен, од каде што потекнуваат, а не во нивните манифестации.

Ни треба културна трансформација. Антифашизмот е пример за нешто такво. Тоа е делумно изгубено токму од негрижа кон историјата и кон општеството.

(ФБ статус на авторот)

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...