Македонија во мал или голем Шенген

Каков алтернативен излез би можел да понуди некаков „мини Шенген“ засега е нејасно. Според Еди Рама тоа е важно за да се разбере „колку очајнички ни е потребно да одиме напред, а тоа се 26 милиони часови чекање кое се троши на граничните премини“.

780

Рупа. Во директен превод на македонски е со значење – дупка. Но и без оглед на преводот, за кој всушност и нема потреба, називот на оваа мала меснос во Хрватска, Рупа, се чини доволно симболично означува еден од граничните премини каде што моментно завршува Шенгенската зона.

Зафаќајќи поголем дел од ЕУ, Шенгенската зона функционира како подрачје во кое граѓаните може слободно да се движат, без оглед што тој принцип делумно се нарушува во последните години откако некои земји воведоа привремени или вонредни контроли поради мигрантската криза.

Доколку тргнете со автомобил од Шведска кон Јадранското приморје, преку Данска и Германија, можеби и преку Полска, или преку Дрезден и Прага и понатаму преку Словачка и Австрија, без никакви позначајни прекини и конторли можете да стигнете до споменатиот граничен премин на словенечко-хрватската граница. За мене звучеше чудно коментарот на младиот човек кој работеше на наплатната станица за патарина во Рупа, кој, откако набрзина не пропушти да спомене дека „навреме сте отишле“, резигнирано дофрли: „знаете веќе како е овде кај нас на Балканот“. Интересно, доколку сепак не звучи и чудно, е дека некој кој живее во Опатија, на дваесетина километри од Словенија, и уште дваесетина до Трст, може да се чувствува како Балканец.

Но Рупа можеби наскоро ќе го изгуби и тоа мало значење поради кое воопшто и се споменува нејзиното постоење како точка на картата, откако Европската комисија неодамна соопшти дека Хрватска ги исполнила сите барања за влез во Шенген, а за што земјите-членки треба да донесат едногласна одлука. Но дали Хрватска ќе помине слично како и Романија и Бугарија, кои, и покрај повеќе препораки и силните заложби на Европскиот парламент во последните години, сѐ уште се соочуваат со противење на Германија и Франција, и на некои други членки, дека не ги исполнуваат критериумите за влез во „зоната без граници“ и дека треба многу порешително да се справат со корупцијата. Како што се укажува, постои извесна загриженост дека пристапувањето на Романија и Бугарија би го зголемило бројот на емигранти во Германија, а што може негативно да се одрази и врз германскиот систем на социјална заштита.

Состојбите во останатиот дел од Балканот, во западнобалканските земји, се малку поинакви. По категоричното француско „не“ за започнување на преговори за членство со Македонија и Албанија, но и пред последниот Самит на ЕУ, во регионот беа лансирани идеи, посебно од страна на српскиот претседател Вучиќ, околу можностите за формирање „мини Шенген“, при што земјите во Западен Балкан, засега само Србија, Македонија и Албанија би се поврзале во безгранична зона, односно дека по изневерените очекувања од Брисел би требало да се свртат внатре кон себеси и кон своите интереси. „Зошто да не работиме подобро и повеќе меѓу себе, кој не спречува во тоа?“ – вели Вучиќ.

Но колку една таква „мини балканска унија“ би можела да биде ефикасна алтернатива на рабовите на големиот простор на ЕУ во кој се случува слободен протек на луѓе, капитал, стоки и услуги. А токму поради ранливоста на безграничниот систем на Европа, имајќи ја посебно предвид загриженоста од нови масовни мигрантски бранови, најновите истражувања покажуваат дека прашањето на мигрантите станало поважно од прашањата на економијата, организираниот криминал или климатските промени.

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер пред извесно време предложи распоредување на 10.000 гранични вооружени чувари за да се заштити надворешната граница на ЕУ и да се спречат мигрантски струења. Овој предлог е актуелизиран во контекстот на постигната согласност меѓу шефовите на држави и влади на ЕУ-членките, меѓу другото и за испитување на можностите за етаблирање на собирни центри за мигранти во трети земји. Дали, во таков случај, Западен Балкан е подготвен да ја избегне опасноста да се претвори во тампон-зона во предворјето на ЕУ при повторно активирање на познатите балкански мигрантски рути?

Стационирањето на пограничните вооружени сили е само еден дел од пошироките планови со кои Брисел настојува да го осигура функционирањето на правилата во рамки на Шенгенскиот договор, меѓу другото и поради потребата да се гарантираат услови за натамошен легален протек на мигранти кон Европа. Според тие планови пограничните ЕУ-патроли за јакнење на надзорот на надворешната граница на Унијата се очекува да профункционираат веќе во текот на 2020 година. Но дали тоа навистина и ќе се случи останува да се види, со оглед на позантите разидувања и спротиваставени гледишта меѓу некои земји-членки во третманот на мигрантската проблематика.

Прашањето на иднината на Шенгенскиот договор редовно се наметнува како едно од крупните прашања на самитите на ЕУ во последните години. Но и покрај тоа што безграничниот систем е исправен пред мошне големи предизвици, мнозинството ЕУ-лидери се со неподелено мислење дека принципот на слободното движење мора да се сочува и во иднина. Најмногу поради фактот дека соработката во Шенген, и покрај сите недостатоци, придонесува со енормни економски предности за членките на Унијата, меѓу другото со интензивна прекугранична мобилност на работната сила и олеснување на условите за европската трговија без гранични и царински контроли.

Каков алтернативен излез би можел да понуди некаков „мини Шенген“ засега е нејасно. Според Еди Рама тоа е важно за да се разбере „колку очајнички ни е потребно да одиме напред, а тоа се 26 милиони часови чекање кое се троши на граничните премини“.

Но дали е навистина потребно доколку, на пример, поради едно несреќно пренасочување на авионот да слета околу полноќ наместо на скопскиот на приштинскиот аеродором, поради лоши атмосферски услови и намалена видливост, патниците потоа да патуваат од Приштина до Скопје – релација помала од стотина километри, – цела ноќ, со задолжително задржување од еден до два часа на граничниот премин.

Без оглед на рампата од Брисел на последниот ЕУ-самит, македонските политички лидери остануваат посветени на европскиот пат. Па и на вклопувањето во Шенген во некоја догледна иднина.

Веројатно никаков алтернативен Шенген не би бил пресуден за да се модернизира работењето на граничните балкански служби во интерес на ефективизирање на контролите на протекот на луѓе и стоки како формален чин, во смисла на постојано забрзување и олеснување на процедурите. А не доколку неговата суштина постојано се пренесува во сферата на вулгарно локално демонстрирање на моќ со кое бесмиленото чекање на граничните премини само ги зголемува оние милиони потрошени часови како чиста загуба, пред сè – економска.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...