Македонија во лер – или во ЕУ со две брзини

Во контекстот на своето попуштање, Макрон во Минхен зборуваше и за двете брзини со кои би бил означен натамошниот развој на Унијата, при што членките со повисоки амбиции би можеле побрзо да се движат напред. Макрон во таа смисла се опишува себеси како нестрплив, но не и фрустриран, пред сѐ поради актуелните состојби поврзани, како што многумина тоа го доживуваат, со пасивноста на Германија околу неговите предлози за ЕУ-реформи.

606

Можен ли е развој на ЕУ што ќе продолжи во насока на групирање на земјите-членки според брзината и продлабочувањето на интегративните процеси? ЕУ со две брзини, како што обично се вели. Или една поделена ЕУ чии делови се интегрираат со различен ритам.

Францускиот претседател Макрон, како што јавија мидеимуте од Безбедносната конференција во Минхен, е подготвен, под соодветни услови, да ја тргне блокадата за отворање на преговорите за пристапување во ЕУ со Албанија и Северна Македонија.

Но во контекстот на своето попуштање, Макрон во Минхен зборуваше и за двете брзини со кои би бил означен натамошниот развој на Унијата, при што членките со повисоки амбиции би можеле побрзо да се движат напред. Макрон во таа смисла се опишува себеси како нестрплив, но не и фрустриран, пред сѐ поради актуелните состојби поврзани, како што многумина тоа го доживуваат, со пасивноста на Германија околу неговите предлози за ЕУ-реформи.

Но, за да бидат остварливи повисоките амбиции и поставени цели, за кои Макрон заговара свртување во поизразена федералистичка насока, неопходен е и повисок ЕУ-буџет. А токму тука се кршат копјата меѓу ЕУ-лидерите, најмногу поради потребата да се покрие буџетската дупка по Брегзит.

Во четрвток неделава шефовите на држави или влади на ЕУ се среќаваат во Брисел за да се обидат да постигнат договор за буџетот на Унијата за периодот 2021-2027 година. Но ставовите меѓу земјите-членки околу големината на буџетот и неговата структура и понатаму значајно се разидуваат.

Европската комисија предлага зголемување на процентуалните износи на придонесите на членките. Тоа е проследено со противење од страна на групата земји нето-плаќачи: Данска, Шведска, Германија, Холандија и Австрија. Според предлогот на Европската комисија зголемнета маса на буџетските средства би била поделена на три еднакви делови за главните подрачја – за подршка на заостанатите региони, за поддршка на земјоделието и за животната средина. Но тоа истовремено би значело и извесно намалување за споменатите подрачја во споредба со претходниот буџетски период, а во интерес на некои други подрачја, какви што се, меѓу другото, дигиталниот развој, безбедноста, миграциите, граничните контроли и одбраната.

Оправдано е Шведска како богата земја да плаќа повеќе од некоја сиромашна членка, смета шведскиот ЕУ-министер Ханс Далгрен. Но кога Велика Британија ја напушта Унијата, вели тој, тогаш треба „да ги пружиме нозете колку што ни е долга чергата“.

Критиките за слабата волја на богатите да го зголемат својот нето-придонес во ЕУ-буџетот доаѓаат главно од помалку развиените ЕУ-членки. Грчката влада, на пример, предупредува дека со намалување на регионалната поддршка ќе се зголеми јазот и разликите во ЕУ. Целта со воведување на солидарни фондови за изедначување на богатите со сиромашните земји, од кои се дава поддршка на регионите кои засотануваат, не е исполнета.

Многу региони во ЕУ заостануваат во развојот. Токму затоа, доколку богатите земји на Северот инсистираат ЕУ да продолжи да се развива со две различни брзини, − побрзо во јадрото и полабаво на периферијата, – тоа веројатно нема да резултира со создавање на пазар кој извозно ориентираните развиени европски земји го посакуваат.

Тоа практично би значело дека ЕУ би имала потесно јадро од централни членки кои би продолжиле со интеграција и соработка и друга група земји кои би останале во еден вид „мини-ЕУ“. Вреди да се напомене во овој контекст дека и западнобалканската иницијатива за создавање „мини-Шенген“ по се изгледа наведува на слични размислувања и имплицира слични заклучоци.

Околу иднината на ЕУ во последните години неретко се одвива жестока дискусија. Развојот со „различни брзини“ го лансираа најмоќните ЕУ-членки, Франција и Германија, при што источно-европските земји страхуваат дека поради таквиот развој ќе ги изгубат средствата од ЕУ-фондовите и ќе заостанат на опашката на возната композиција која ги влече напред евроинтеграциите.

Пред извесно време еден од заклучоците во дискусиите во Европскиот совет беше дека „некои од нас може да се движат поблиску едни до други, подалкеу и побрзо во некои подрачја, со отворена врата за оние што ќе сакаат да се приклучат подоцна“.

Сепак, се укажува и на фактот дека всушност веќе постои една ЕУ со различни брзини. Евро-валутата не е воведена во сите членки, сите не се во безпасошката Шенген-зона, а некои членки не учествуваат во полициската соработка. Во тоа нема некаква посебна драматика, но загриженоста кај членките на истокот на ЕУ не може да се занемари и игнорира. Формализирање на „прва и втора лига“ меѓу членките на ЕУ за многумина е најмалку посакувано сценарио.

Во крајна линија, останува отворено прашањето дали е подобро ЕУ да се развива со различни брзни, или пак воопшто да нема никаква реформска и развојна брзина. Емануел Макрон деновиве повторно зборуваше за својата нестрпливост во остварувањето на визијата за „две брзини“. А во исто време ја отвора вратата на ЕУ со изјавата дека ако резултатите од извештаите на Европската комисија за Македонија и Албанија бидат позитивни, ќе биде подготвен да ја промени својата позиција.

Сето тоа јасно навестува дека се очекува Макрон да се определи во која брзина ќе го стави менувачот. Се разбира, сигурно не во рикверц, но ниту во лер, каде што во изминатите месеци остана заглавен датумот за почеток на преговори за членство, очекувајќи дека со придвижување напред ќе бидат убалежни критиките кои му беа упатени на францускиот претседател поради неговото вето.

Повлекувањето на блокадата за Македонија и Албанија, без оглед на објективаната неусогласеност на развојните брзини, барем ја отстранува непријатната дилема дека ЕУ му го врти грбот на Балканот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...