Македонија вечна и аљкава

1192

Вчера возев од Охрид кон Скопје. Она што веднаш паѓа во очи и што е секако за пофалба е интензитетот со кој се работи на автопатската делница Охрид-Пресека. Десетици валјаци, багери и стотици работници активно работат на автопатот и видлив е напредокот на терен во последните неколку месеци. Такво ударничко работење и со толкав интензитет не сум видел во последните 15 години на ниедна патна делница.

Понатаму, на потегот од село Колари, па преку превојот Стража до Гостивар интензивно се работи на реконструкција на патниот правец, нанесен е комплетно нов слој асфалт и безмалку целата делница од дваесетина километри е комплетно реконструирана. Се реконструира и се става нов асфалт и на автопатската делница Скопје-Тетово.

Она што не чини и што ја исфрла на површина целата наша аљкавост како нација е неуредноста на изведувачите на градежните работи. Секаде каде што се гради, патот е целосно посипан со песок, чакал и покрупни камчиња, а неретко има и даски, летви и друга граѓа, па возењето знае да биде многу опасно и напорно, а често страдаат и шофершајвните на возилата, но и лимаријата. Мојата во неколку наврати во изминативе неколку месеци возење на оваа патна делница е сериозно оштетена и вистинско чудо е како се уште не е искршена.

Што ми е муабетот. Дека и кога ќе решиме нешто да работиме и сработиме, многу сме аљкави, непедантни и не почитуваме правила и прописи. По пат, дури возев, видов десетици камиони кои работат на делницата, а кои превезуваат песок и земја без заштитна церада, па оттаму и целиот оној неред на патиштата. Дополнително, беа страшно валкани, тркалата калливи, а колку што знам според позитивните законски прописи истите не смеат да излезат на асфалт без да бидат измиени со млаз вода.

Македонија вечна и аљкава. Такви бевме, такви си останавме.

(ФБ статус на авторот)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...