Македонија би можела да биде порта за јапонските компании кон Европа

397

Целта на Владата е да привлекува странски инвестиции со висок степен на технолошки развој, какви што несомнено има во Јапонија која е една од најразвиените земји во светот, рече вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на средба со јапонска бизнис делегација предводена од Јошихиро Секи, државниот министер за економија, трговија и индустрија на Јапонија, пред кои ги презентираа можностите за инвестирање во нашата земја.

– Со министерот Секи разговаравме за интензивирање на економската соработка помеѓу двете земји и тоа во насока на привлекување на јапонски инвестиции да дојдат во нашата држава и да инвестираат, односно да ја препознаат можноста нашата земја да биде нивна порта кон европскиот пазар. Воедно разговаравме и за зголемување на извозот од нашата земја кон Јапонија, кои продукти би можеле да се пласираат на тој пазар. Во бизнис делегацијата денес се и претставници на големи јапонски компании како Мицубиши, Мицуи и др., кои се навистина големи компании. Се надеваме дека од оваа посета ќе се пројави интерес кај некоја од компаниите за инвестиции, и на тој начин да се зголеми соработката помеѓу нашите две земји – потенцира Анѓушев.

Министерката за странски инвестиции Апостолска, подвлече дека Владата е отворена за соработка со сите компании и води постојани контакти со компаниите од фазата на пројавување на интерес па се до фаза на реализација на еден инвестициски проект.

– Оваа посета за нас претставува одлична можност да ги презентираме економските политики на Владата, но и да посочиме дека сме посветени на целиот процес на еден инвестициски циклус, од споделување на информации потребни за инвеститорите до институционална грижа и следење на нивните проекти, па се до целосна реализација на инвестицискиот проект – рече Апостолска.

Јапонскиот министер Секи посочи дека оваа година се одбележуваат 25 години од воспоставување на дипломатските односи помеѓу двете земји, а лани јапонскиот премиер Абе објави ја објави иницијативата за интензивирање на економските односи на Јапонија со земјите од Западен Балкан.

– Денес сум тука со претставници од асоцијацијата „Jetro“, јапонска организација, која се грижи за јапонските инвестиции во странство и промоција на јапонската економија. Со мене денес се претставници на компании од автомобилската и козметичката  индустрија, туризмот, финансискиот сектор, логистички компании, и компании од други индустрии. Ја посетивме технолошко индустриската развојна зона во Скопје, задоволни сме од тоа што го видовме таму, се одвиваат многу активности и ќе разговараме за начините за меѓусобна соработка, кои би значеле придобивки за двете земји – нагласи министерот Секи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...