Мажот кој се закани дека ќе оди со пиштол во ДИК е под лупа на Обвинителството

424

Обвинителството будно го следи изборниот процес, првичниот впечаток е дека за овие избори има помалку нерегуларности во споредба со претходните. Намален е бројот на пријави кои стигаат до канцеларијата на Народниот правобранител, каде се регистрирани само неколку поднесе претставки и две-три телефонски јавување.

Од обвинителството досега нема отворена истрага за некој предмет, но се испитува дали има одговорност во два конкретни случаи, односно дали има основи да се покрене истрага.

Едниот од нив е по добиена пријава преку електронска пошта дека на млади активисти на една политичка партија во Кисела Вода им бил одземен рекламен материјал.

Во другиот случај, пак, се постапува по заканите изнесени на трибина на кандидатот Стево Пендаровски во Гостивар од граѓанин кој се закани дека вооружен ќе влезе во Државната изборна комисија (ДИК) поради тоа што според него, го избришале од Избирачкиот список.

Од Обвинителството велат дека има постапка во која се утврдува дали во случајов некој може да одговара за закана, по што понатаму се очекува одлука дали ќе се формира истрага или не.

За потсетување, во Гостивар, еден од граѓаните на трибината зеде збор и праша како може ДИК да избрише живи луѓе од избирачки список.

– Триесет години гласам, ме избришале мене, не можам поддршка да ви дадам. И не само јас, има многу гостиварци избришани. Ве молам да се преземе мерка – се обрати тој до Пендаровски.

На тоа Пендаровски му рече дека треба да отиде и да провери во ДИК, а човекот возврати: „Ќе појдам со пиштол“.

Од Обвинителството велат дека покрај овие два конкретни случаи по кои постапуваат, будно се следат и сите останати можни злоупотреби и нерегуларности.

Под лупа им е и говорот на омраза, за кој впечатокот на јавноста е дека се засили во финишот на кампањата. Потенцираат оти се следи сѐ што се изнесува и кажува јавно, но и дека има постапка за утврдување дали се исполнети елементите потребни за да има кривично дело за говор на омраза.

Во канцеларијата на народниот правобранител, пак, ретко се пријавува говор на омраза. Таму е отворен и бесплатен телефонски број на кој може да се пријавуваат повреди на гласачкото право. На телефонската линија, досега имало две-три јавувања, но не станува збор за сериозни случаи.

Како други посериозни претставки поднесени до канцеларијата оттаму издвојуваат две  кои се однесуваат на избирачкиот список. Едната била од граѓанин кој се жалел дека не може да гласа во вториот круг на изборите затоа што нема да биде во земјава, па барал неговото избирачко право на 5 мај да може да го искористи во дијаспората.

Друг случај се однесува на жена која е исфрлена од избирачкиот список бидејќи е поништено живеалиштето кое е наведено во нејзината лична карта. За ова, Народниот правобранител, веќе реагирал.

Денеска тие примиле и анонимна електронска пошта дека на вработени им се правени притисоци од една политичка партија. Од Канцеларијата стапиле во контакт со анонимниот свиркач и му посочиле дека тие му ја гарантираат заштитата на идентитетот и слободно може да стапи во контакт со нив и да сподели повеќе информации.

Споредбено со минатите изборни циклуси, откај Правобранителот нотираат дека за овие избори, претставниките и поплаките од граѓани се значително намалени.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...