Човек да не поверува, но раководството на ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе го соопшти ставот на партијата во врска со закажаниот референдум. А ставот е: дека идниот понеделник партијата ќе излезе со став во врска со референдумот. Тогаш и дефинитивно ќе одлучат дека со став за референдумот треба да се причека, додека не се направат сите анализи за градење на таков став. Кај и да е, се очекува опозицијата да изгради став по референдумската „направија“ некаде околу Нова година. Не оваа, идната. Кога Македонија веќе ќе биде и формално прогласена за членка на НАТО.
Со таквото деликатно чувство за историски тајминг, сегашното раководство на опозицијата реши да изврши политичко самоубиство. На домашен и на меѓународен план. Оти, да се калкулира со поддршката на историски одлуки кои за нациите, по општите скромни капацитети слични на македонската, им се укажуваат еднаш-двапати во векот, е рамно на, повторувам, политичко самоубиство. Па, не е ова прашање еднакво со дилемите за висината на данокот или за начинот на изборот на судии, да речеме; нерешавањето на ова прашање, за евро-атлантската иднина на земјата, може, на релативно куси историски патеки, да ве ослободи од потребата да имате политика во однос на даноците и судиите воопшто – бидејќи во неколку варијанти на таквата релативно лесно предвидлива иднина ќе нема ни даноци ни судии за кои ние, како држава, ќе треба да решаваме.
Сепак, да не сме престроги кон Мицкоски? Да не сме нефер, пристрасни, тенденциозни? Да не очекуваме тој да испорача нешто за што, реално, иако има формален мандат, нема суштински „управувачки“ капацитет?
На пример, го контролира ли Мицкоски барем мнозинството во пратеничката група на ДПМНЕ во Собранието? Не… Го контролира ли барем мнозинството во врвните колективни тела во партијата? Не, иако можеби мисли дека да… Ги контролира ли преостанатите вмровски медиуми? Не… Ја контролира ли платената бригада ботови и плукачи по социјалните мрежи? Не… Го контролира ли текот на парите во партијата? Не знам, најверојатно не… Има ли контрола врз порадикалните струи и групации во и околу партијата? Не само што нема, туку може и ќотек од нив да изеде… А нема влијание ни врз процесот за тоа дали оние кои му ги контролираат сите претходно наведени ресурси можеби ќе завршат в затвор.
Значи, затоа е ова политички суицидно доцнење со одлуката за референдумот, бидејќи таа се носи на друго место, таму каде што се располага со ресурсите кои можат да овозможат пазарење. На Мицкоски му е оставено да „купува време“ во име на создавањето маневарски простор за пазарењето, како мажоретка која ја забавува публиката меѓу две полувремиња од натпреварот, додека тренерите договараат стратегија за продолжението на натпреварот.
Само што математиката направена дома и математиката кога ќе отидете на пазар никогаш не се поклопува. Го „потрошија“ Мицкоски како гумичка на молив што се троши кога правиш пиши-бриши, а пазарлакот никако да им успее. За сега. Бидејќи тие се надеваат дека нивните преговарачки „пет минути“ допрва доаѓаат, кога по успешниот референдум ќе се влезе во собраниската процедура за менување на Уставот. Тогаш „жетоните“ за уцена на иднината на сопствената држава – овие другите мажоретки, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието – ќе имаат најголема вредност во таа фаза на пазарењето. Тогаш ќе дојде ред за нивно трошење, како што сега редот му поминува на Мицкоски. Па ако мислевте дека сега присуствуваме на лоша претстава во режија на опозицијата, препорачувам да си ги сочувате нервите за петпарачката собраниска драмолетка што допрва следи.
Преземено од Цивил медиа