Љубителите на уметничкото лизгање ќе имаат можност да присуствуваат на вистинска магија на мраз на четвриот Меѓународен натпревар во уметничко лизгање Skopje on Ice, кој ќе се одржи денеска и утре на лизгалиштето во СЦ Борис Трајковски.
Свеченото отворање е закажано денеска во 19.15 часот, со музички настап на Кристина Арнаудова и презентација на вештините на мраз на најмладите учесници на натпреварот. Натпреварувачкиот дел стартува во 19.30 часот, и тоа во категориите интерпретации А, Б и Ц (рекреативни категории), како и најмалата спортска категорија кадети Ц.
Утре, настапите започнуваат во 7.30 часот. Највозбудливиот дел ќе следува со почеток во 10 часот, кога на мразот ќе излезат учесниците од земјава и од странство, кои ќе се натпреваруваат во меѓународно признатите категории – младинци, јуниори и сениори. По завршувањето на натпреварувачкиот дел, ќе бидат прогласени победниците во сите категории меѓу кои и националните прваци за 2020 година.
Организатор на Skopje on Ice е Федерацијата за лизгачки спортови на Северна Македонија.Влезот за сите посетители на двата натпреварувачки дена е слободен.