Луѓето не се бројки

Во моментов ми текнува на четворица што ќе бидат во две европски земји на 30 септември. Тие нема да гласаат. Стотици, можеби и илјадници македонски гласачи ќе бидат во странство на тој датум, кој на семинар, кој на гости, кој по работа... За нив не се предвидува пристап до гласачката кутија.

208

Еве ви уште една колумна што нема да ја читате, затоа што сте ја прифатиле играта во која сте губитници. За правото на глас ќе ви пишувам, затоа, слободно одете некаде каде што вашите сетила благо ќе ги надразните, а апаратот за мислење нема да го напрегнете повеќе отколку да ја одржите основната моторика. Нејсе, еве за што се работи…

Ако случајно ви излезе потреба за патување надвор од Македонија и датумот на избори или референдум ве затече во странство, нема да гласате, па таман да сте сместени на 10 метри од македонската амбасада. Немате законска можност за тоа. Ни случајно. Дури и да сте заминати на работа или студирање во странство, мора да имате регулиран престој од најмалку шест месеци, за да се стекнете со право да гласате. Се разбира, со сите ризици да бидете испуштени од списокот, како и многумина во вашата родина.

Во моментов ми текнува на четворица што ќе бидат во две европски земји на 30 септември. Тие нема да гласаат. Стотици, можеби и илјадници македонски гласачи ќе бидат во странство на тој датум, кој на семинар, кој на гости, кој по работа… За нив не се предвидува пристап до гласачката кутија. Законодавците и сите што се трткаа околу Изборниот законик овие години (не денови или месеци), едноставно, не презедоа одговорност за почитувањето на едно од фундаменталните човекови права – правото на глас. Вообичаеното оправдание за тоа е дека бројката на таквите гласачи е безначајна. Е, тоа е проблемот. Луѓето се третираат како бројки и стануваат неважни ако се малку. Не ја бива таа работа!

Во Хрватска, на пример, треба да се јавите во изборната комисија, кажувате каде ќе бидете на датумот на изборите, а од таму се јавуваат во дипломатското претставништво, по што ве преместуваат во Избирачкиот список на тоа место. И толку. Хрватска ја споменувам затоа што голем дел од регулативата на македонскиот изборен систем се заснова на хрватските законски решенија и искуства. Но, оваа „ситница“ некако им била премногу комплицирана на оние што луѓето ги третираат како бројка, па воопшто не се потрудиле да ги допрепишат овие решенија од хрватскиот закон. Затоа што, меѓу другото, тоа ќе бара и да се одвојат по неколку минути за секој граѓанин или граѓанка со ваква потреба. Ако се одржуваат избори или референдум ќе си седите дома, што има да патувате? Тие и онака не можат да го средат списокот и кога сте супер статични, камо ли ако мрдате!

Кога го препишувале хрватскиот Изборен законик, некако се препишале прописи, процедури, овластувања (и повластици), но некако мистериозно исчезнуваат делови што се однесуваат на одговорноста и санкциите. Таквиот закон постојано нешто се поправа и шминка, ама никако да се сврти кон гласачите. Тие што се платени од парите на тие исти гласачи се потрудија да обезбедат безброј поволности за политичките партии (претежно од финансиска природа), да обезбедат што е можно помала одговорност на институциите, да направат дупки во вода и палати во воздух… А за гласачите, нека му ја мислат самите гласачи. Јас, пак, сум запнал за правото на глас на граѓанките и граѓаните. Дури се занимавам и со ситници како што е престојот на луѓето во странство на датум кога се гласа. Претерувам, нели?

Оваа кратка опомена што нема никого посебно да возбуди, ќе ја завршам со едно потсетување… Од позиција на моќ, се однесуваат арогантно и брутално, а цимолат кога ќе се соочат со системот што самите го граделе. Затоа се трудат да останат што е можно повеќе на позиција од која ќе можат да ги третираат луѓето како бројки. Истово ова може да се пренесе на сѐ што ќе видите околу себе денеска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...