Почнува поништувањето на лустрацијата, која, иако првично беше законски регулирана со политички консензус, во годините потоа често беше прогласувана за „лов на вештерки“. Паралелно, со интервенции во законот, се прошируваа периодот и категориите на лица опфатени со процесот, а се обезбеди и јавност на досиејата на тајните служби.
Собраниската Комисија за политички систем в понеделник ќе расправа за предлог- законот за ништовност и поништување на правните акти и последици од лустрацијата. Потоа, ова законско решение, што го подготви Министерството за правда, ќе се најде на прво читање на пленарна седница. Но, за разлика од 2008, кога првиот Закон за лустрација, инициран од Стојан Андов, беше донесен со широк консензус, извесно е дека во овој случај ќе нема поддршка од сегашната опозиција за поништување на лустрацијата.
Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ велат дека во текот на викендот ќе изградат конечен став во однос на предложениот закон за поништување на лустрацијата и дека в понеделник ќе ги соопштат своите позиции. Сепак, во ВМРО-ДПМНЕ нема расположение за поддршка на закон со кој, како што велат пратеници од оваа партија, „со еден удар се урива цел еден процес“.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, пред неколку седмици, напиша на Фејсбук дека најавата за поништивање на лустрацијата е во насока на „потхранување на суетите и лудоста на кодошите во врвот на партијата на власт која е во заминување“.
За законот со кој се поништува лустрацијата не е потребно двотретинско мнозинство, така што се очекува тој да биде донесен со гласовите на пратениците на владејачкото мнозинство. Со овој предлог се предвидува не само прогласување на лустрацијата за ништовна, туку и надомест на штета на лицата кои „беа жртви на овие постапки пред Комисијата за верификација на факти“.
„Начинот на кој Комисијата ја вршеше својата работа и намерата за целосно етикетирање на граѓаните и начин да се ослободат од лица кои ‘не биле подобни’ за вршење на функцијата беше докажан со пресуди од Европскиот суд за човекови права и слободи, каде се укажува за најбрутален напад врз интегритетот и угледот и достоинството на личноста. Бројни и видни личности од културно-општествениот живот беа и останаа ‘жигосани’ од работата на Комисијата. Воедно, Комисијата со својата работа како успешен инструмент изврши атак на уставниот систем преку отстранување на претседателот на Уставниот суд, со што почна и продолжи еден од најтешките периоди забележан во извештајот на Европската Комисија за Македонија како ‘заробена држава’“, се наведува во предлог-законот што в понеделник ќе го разгледува матичната собраниска Комисија.
Во 2012 година, Собранието донесе нов Закон за лустрација, поднесен од тогаш владејачката ВМРО ДПМНЕ, а со поддршка од нивните тогашни партнери од ДУИ. Социјалдемократите, кои беа во опозиција, гласаа „против“. Клучна новина во тој закон беше тоа што овозможи полициските досиеја на поранешни соработници на службите да бидат објавени на интернет. Иако првичната цел беше „да се расчисти со комунистичкото минато“, беше продолжен и периодот на кој се однесуваше лустрацијата. Процесот, наместо да се фокусира на претходниот систем, го опфати и наводните соработници на службите по прогласувањето на независноста на Македонија. Со новото законско решение, покрај избраните и именувани функционери, изјави дека не соработуваат со службите требаше да поднесуваат и поранешни функционери, бизнисмени, новинари… На крајот на списокот на лустрирани се најдоа и починати лица, писатели академици…
Во 2010 година, тогашниот претседател на Уставниот суд Трендафил Ивановски стана првиот лустриран функционер, кој поради тоа беше приморан да замине од функцијата. Шест години подоцна, Судот во Стразбур донесе пресуда во корист на Ивановски, посочувајќи на повреди на Европската конвенција за човекови права и оценувајќи дека лустрациските постапки не биле фер и дека му биле нарушени угледот и достоинството на поранешниот уставен судија. Колегите на Ивановски во Уставниот суд, пак, во меѓувреме отфрлија неколку иницијативи за испитување на уставноста на лустрацијата.