Лужники, Сталинград, Тампере

Којзнае колку вода протекла низ светските реки од зачетоците на фудбалската игра. Фудбалот си остана машка игра, остана и да биде клокотарник на еуфорија, а политиката уште е мирудија за сите манџи.

462

Не знам што е постаро: спортот или политиката. А и малите деца знаат дека откога постојат овие две нешта, едното како најубава споредна работа, другото богами никако како нешто споредно, папагалски се повторува: спортот и политиката не треба да се мешаат. Секому неговото. И колку што се вергла таа пак таа убава замисла, ама ништо повеќе од замисла, сè повеќе како црева се испреплетуваат токму спортот и политиката. Примери има колку да сакаш, ако запнеш да ги разбудуваш сеќавањата – ја лично доживеани, ја прочитани. Политиката би била нешто друго ако не е мирудија за сите манџи. И работа во која се разбираат сите.

Му се гледа крајот и на Светското фудбалско првенство во Русија. Баќушките добри домаќини и организатори (пу-пу, да не им се урочи!). Уште малку, па ќе здивнат домаќинките што нестрпливо го чекаат враќањето на турските серии на малите екрани и сè да си дојде на свое место. Што не значи дека фудбалот нема да остане машка игра: ем ладно пивце, ем неконтролирано навивачко драње (демек, психолошко празнење), уживанција. Шуќур, не реков дека не се машки оние што не го гледаат овој буба-мара циркус. Како што си се женски, стројни и лични, оние што врескаат во навивачките табори и си ги шминкаат лицата со боите на своите миленици. Времиња, времиња. Еден бирелај женски чеда на трибините, а семкари ни за лек.

Се победува, гледаме, наизменично. Во последната секунда од играта, ако не, на крајот на краиштата – на пенали. Така и домаќините на Лужники во Москва ја елиминираа Шпанија, по исцрпувачка борба – на пенали. Тамам адреналинот да скокне највисоко, а победничката еуфорија да ги надвиши највисоките водоскоци. Радост голема: и меѓу играчите, и меѓу навивачите, и меѓу новинарите (ем спортски, ем независни). Читај, народе: пред својот одбранбен простор рускиот тим кренал „два ѕида од Кремљ“, а нивниот голман бранел (особено пенали) како во битката за одбрана на Сталинград. Којзнае, можеби му ја потскокотнаа победничката страст на Јосиф Висарионович. Коментаторот на „Советски спорт“, весник со застарено име, откако ја виде руската репрезентација на победничкиот трон, иронично напиша: „Замислете само: ако Русија, како што постојано слушаме, можела да учествува врз исходот на претседателските избори во Америка, тогаш играта на домашен терен на Светското првенство не е задача, туку ситница!“ Каша-попара, увеселение за она, де, население!

Да е само Русија, колај бива. Ама не е. Ниту сефте е, ниту последен пат, да се разузда еуфоријата и да се пушти во матните води на политиката. Од искуство знаеме дека впечатлива увертира во распаѓањето на Југославија беше еден фудбалски натпревар во Загреб (Динамо – Црвена звезда). Знаеме, ние, речиси збрлавени по фудбалската игра, и други примери кога победите на фудбалските терени се есапеле повеќе за политички, отколку за спортски.

За таквото, незаборавно преплетување на политиката и фудбалот, можеби највпечатливо говори една дамнешна победа на Југославија и СССР, земји што веќе ги нема на географските атласи, на петнаесеттите Олимписки игри 1952 година во Хелсинки. Нам, врсници на таа историска победа, татковците ни раскажуваа дека била „,средба на векот“. Немаше кој од нив да не го знае наизуст составот на легендарните победници: Беара, Станковиќ, Црнковиќ, Чајковски, Хорват, Бошков, Огњанов, Митиќ, Вукас, Бобек и Зебец. Историскиот контекст е познат: време по Информбирото, двете земји се во отворени непријателски односи. Во првиот натпревар Југословените до петнаесет минути пред крајот воделе со 5:1, наеднаш им се фатиле нозете и „баќушките“ изедначиле на 5:5. Правилата налагале да има победник, па по два дена истите состави одиграле уште еден натпревар. Во Тампере, да не се заборави. И тогаш „Зборнаја“ се борела, ама изгубила со 3:1. Да се знае чија куќа мрсно јаде: секој фудбалер за победата добил по 500 долари, а и право да игра во странство, на Запад.
Отспротива, поразот од Југославија толку го разбеснел Сталин, што тој на медиумите им забранил да го објавуваат поразот од Југославија. Резултатот се појавил во весниците дури по неговата смрт, цела година по одигрувањето на натпреварот! Сталин, и сè е можно! Секвенци од легендарниот пренос на Радивоје Марковиќ ние можевме да слушнеме во филмот на Кустурица „Татко на службен пат“.

Којзнае колку вода протекла низ светските реки од зачетоците на фудбалската игра. Фудбалот си остана машка игра, остана и да биде клокотарник на еуфорија, а политиката уште е мирудија за сите манџи.

Занеси, занеси. Сите се прават наглуви кога ќе слушнат: земјата на земјоделците, фудбалот на фудбалерите! А политиката? И нејзе ќе ѝ дојде редот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...