Не, времето никогаш не е лудо, ние го полудуваме, му ја префрламе вината за да ни биде полесно да ги поднесеме нашите лудости, нашите простотилаци, нашите бестијалности. А ги имаме, сам Господ знае. Луди сме што го трпиме ова, сите довчерашни бедници и пезевенковци да ни држат лекции, дури и цел еден јаден (или јавен, како сакате) сервис да не прави луди при здрава памет, да не го спомнувам оној Папаштрумф од Водно (веќе осведочен и славољубец, и словољубец а богами и среброљубец) кој, ете, бил – заобиколуван. Та како и не би бил, со сета глупост и безобразна надменост што ја реи околу себе. Таквите „нешта“ се – заобиколуваат. А сега бара – реформи. Па што не ги бараше изминатите дванаесет години, шутрак ниеден? Ама да беше само тој …
Безобразието, неморалот, непоткрепеното со ништо самољубие и особено простотилакот што сѐ уште владее во јавниот простор ја држи аурата на времево денешно како (сѐ уште) непроменето, ненормално, „лудо“. А го потпираме и сите ние кои, на еден или на друг начин, замолкнавме мислејќи дека непријателот и петтата колона се поразени – иако свесни дека недостасува зборчето „конечно“ – дека демократијата, ене, заседнала во Парламентот и Владата и никој не може да ја помрдне. А не е така. Лудово време може да помрдне секого, засекогаш. Зашто го полудевме, целосно. Кои се, впрочем, тие сили што држат такви протуви на клучни позиции – во јавен сервис, во институции на системот, во медиуми – а кои се во состојба да подриваат секој конструктивен потег, да релативизираат дури и дека Земјата е округла а не пак македонски стратешки интереси, а само и заради лични лукративни интереси, минати и сегашни? Какви се тие адски мешетари кои на безобразници и простаци, неказнето, им дозволуваат да се закануваат на министри, на стручни комисии, на цел народ односно на сѐ живо што ги ремети – а богами здраво им ги поремети плановите – нивните расклатени позиции во јавноста? Зошто, и од каде, собраниската говорница е закрила за секакви манипулации, лаги, местенки, кодошења, простотилаци? И тоа ајде да е барем од некој сериозен, ама од вечни студенти, од безобразници чии извори на приходи, ете, лични и семејни, сеедно, секнале па сега, можеби, ќе мораат и да се зафатат со сериозна работа? Ама што ли тие би работеле, по ѓаволите, кога нивната неспособност е докажана?
Наводното лудило на времето, наводната поделеност на народот е стимулирана токму од такви некадарници кои дури и сегашната власт, во еден период, ги прогласи за некакви нивни заштитници во времето на реализирањето на државниот удар на 27 април. Ма дајте, ве молам, тоа ли може да ја измие другата нечистотија?! Или некој навистина ги гледа како заштитници на демократијата и сака и нам да ни ја продаде таа приказна? Та ако беше така, ќе говореше ли дотичниот стручњак за сѐ, на пример, за чувствата на „десетиците илјади“ поклоници на Музејон на хоророт, заборавајќи ги притоа стотиците илјади, милионот граѓани кои како мнозинство не сакаат со очи да го видат? Или она новоно карикатурално (наводно) претседателче на „најпатриотската партија“ кое се осмелува да говори за криминал, за тендери, за правна држава, заборавајќи ги неговите газди и обвиненијата што им висат над глава? И повоторно: времето е лудо, или ние сме луди?
(Божем) лудово време, а всушност ние во негово име, ги заборави – случајно или намерно – и оние вечни интелектуално парталави превртливци, среброљубци, самонаречена елита, пистелска и друга, гниди враснати во секој систем, во секоја идеологија, со секоја власт, а кои и понатаму ни држат предавања ex cathedra како некакво стекнато право само заради фактот што, повторно, ние сме толку незаинтересирани па ги оставаме на такви позиции. Меѓу нив и онаа „академичкана“ (или како веќе би бил женски род од таа денес одвратна но сѐ уште лукративна титула), која дури се дрзнува да праша дали ние, или едикоиси, „ќе ја сфатиме конечно разликата меѓу партиски и државни интереси“, иако таа, сосе нејзините пајташи од ману (малите букви се соодветни на моралниот статус на таа институција!), никако не успеаа да ги одвојат личните интереси од сите други!?
Такви докажани слугинчиња, како трубачон на „воениот вмровски оркестар за погреби и свадби“ (Ориѓански), кои уживаат да се потпишуваат и како писатели и кандидати-академчиња и кои до вчера беа во сите можни (не)работни тела на режимот, денес вели дека оставил трага. Па се разбира, секакви сурати оставиле траги на земјава, ама какви? Нивните траги се највидливи во државните буџети во изминатине дванаесетина години. Само ги мк’неа магарчињата (златни, а?) пред Државниот трезор и – ги товареа. Колку такви тури направивте, трагачи? До бесвест, за сѐ и сешто. Еднаш како писатели, па сценаристи, па драматурзи, па членови на комисии, па воведничари, па биографи, па говоропишувачи, па … Ние од нивните траги не можевме и сѐ уште не можеме глава да кренеме. Впрочем, некои од трагите уште им се видливи: ене ги по подрумите и магацините на Археолошкиот музеј, Музејот на Македонија, Народната и универзитетска библиотека … скапуваат. Силни траги! И „миризливи“, богами. Токму како она „нешто“ што нормалните се обидуваат да го прескокнат на улица!
Ама сепак, упорни се, уште го користат „лудово“ време односно нашава лудост и дури ни држат и лекции. Оној безобразникон неказнето за тоа ја користи собраниската говорница, а никако да каже, барем да спомне, колку пари товареше на магарчињата нивната комисија за оној хорор наречен Музеј на македонската борба? Брат-брату, десетина милиони денари, илити околу 160.000 евра, поделени како ајдучки плен помеѓу седум-осум „стручњаци“ кои во животот не виделе повеќе од пет музеи! И зад себе оставиле некакво чудно „нешто“ – она што луѓето обично гледаат да го прескокнат – некаква апсурдна мешавина на мувлосан циркус и третокласен хорор која што сега некој ни ја продава за музеј? Па уште и на „светите четири букви“?! Па да им беа толку свети, така ли ќе се однесуваа кон нив?
Оној другион пак уште и нѐ кара: „работи ли некој во оваа држава“? Не, само оние работеа, и работат. Ама бидејќи универзитетските професори имале „ѕидарска дневница“, морале да работат и „на страна“. И сработиле: 750.000 евра во скопските подруми! Ама, има право. И тој и сите други режимски кловнови кои денес, повторно, ни солат памет. Им го дадовме (и) тоа право. Како што впрочем и оние од „најпатриотската“ партија говорат за правна држава, за криминал, за наместени тендери, за … Лудо време? Некој овде навистина е луд, ама (не?) се знае кој!
(преземено од Теодосиевски уметност)